Сведокот Мартин Саздов, пред чии очи на 2 март се случи самоубиството на жртвата на повеќегодишното семејно насилство Ивана Стојаноска и на нејзината 6-годишна ќерка Катја, по укажувањето помош откако му се слоши во судницата почна да сведочи за последните 24 часа од животот на двете незаштитени жртви. Саздов бил пријател со Ивана и нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски, колега од Пожарната бригада, сѐ додека не дознал дека тој се гледа со неговата девојка. Според обвинението, Јовановски извршил загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство.
- „ОСТАВЕТЕ МЕ СО КАТЈА ДА СЕ ОДМОРИМЕ, ДА СЕ НАСПИЕМЕ“, БИЛЕ ПОСЛЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА ИВАНА ПРЕД ДА СКОКНЕ ОД БАЛКОНОТ, А НА ЗАКАНИТЕ ОД СОПРУГОТ СТОЈАНЧЕ САМО СЕ НАСМЕВНАЛА И РЕКЛА „ПРАВИ ШТО САКАШ“
- Ѝ РЕКОВ НЕ СЕ СЕКИРАЈ, ИМА ИНСТИТУЦИИ, СВЕДОЧЕШЕ ПРИЈАТЕЛОТ НА ИВАНА, ПРЕД ЧИИ ОЧИ СЕ СЛУЧИ САМОУБИСТВОТО
„Дали претходниот ден на први март контактиравте?”, го праша обвинителката Адела Бојчевиќ.
„Вечерта ми пишала дека не може да издржи, немој Mартин не ме оставај. Утредента отидов на работа да ја видам. Влегов, ја викнав да излезе. Разговаравме општи разговори, ја прашав за еден полицаец што го заследила на социјалните мрежи, да видам да не се случува нешто и таа бара помош. Беше на слика на тик-ток во униформа. Ја прашав кој е, дали бара помош од него. Ми кажа не, другар ми е од порано. Му се јавив од нејзиниот профил, зедов го прашав дали Ивана му се жали на нешто и дали бара помош од него, ми кажа дека само правеле општ муабет. Пак ја замолив да оди кај мајка ѝ. Ѝ реков не дај боже, еден ден ќе те убие. Повторуваше: ’Не можам Мартин, ќе останеме со Катја на улица. Детето си ја бара собата. Ѝ реков во ред, ако ти треба нешто побарај ме. Ми велеше: Те молам не си оди”, одговори сведокот Саздов.
Рече дека само што тргнал со колата, му се јавила Ивана растреперена.
„’Врати се, те молам, Стојанче е тука’. Кога се вратив, веќе Стојанче ја тепаше. Го влечев за да не ја мава. Ја тепаше, ја набедуваше параноично дека сме го наместиле за дрога. Ми беше страв да ги оставам. Стојанче се качи во мојата кола, Ивана седна позади, ѝ велев врати се на работа, нејќеше да излезе“, рече Саздов.
Стојанче му рекол да го однесе во суд да се пријави, бидејќи бил под мерки за безбедност поради делото со дрога.
„По пат ја навредуваше: ‘Курво една, ќе видиш со кого имаш работа!’ На Партизанска се сврте на колена назад, почна со боксови да ја мава. Толку силно ја удираше! Почна и да ја дави. Ивана се онесвести, застанав на сред улица за да го разделам да не ја удави. Стојанче ми рече, остај ја курвата, глуми. Кога стигнавме кај судот, излеговме од возилото, не се сеќавам дали и тука ја удри. Ѝ реков да земе такси, да си оди оттаму. Кај скалите на судот пак сакаше да ја удри“, рече Саздов.
Стојанче се пријавил во судот, кога излегле надвор, Ивана стоела до возилото.
„Кога стигнавме, Ивана го избриша контактот со кој збореше. Стојанче инсистираше да види, се сомневаше дека Ивана го пријавува во полиција. Почна да ја вреѓа пак, а таа не му го даваше телефонот за да не ѝ го скрши. Го зедов апаратот, му покажав дека нема ништо кај повици“, рече Саздов.
Стојанче тука пак почнал пак да ја тепа по глава.
„Веднаш пријавив во полиција. Дојдоа службените лица, разговараа поединечно со двајцата. Им ги вратија личните карти и им рекоа на двајцата: ‘Решете си го проблемот’!”, и си заминаа“, рече тој.
Само што тргнале без Ивана, полицајците пак ги запреле поради нова пријава за закана.
„Истите полицајци ја прашаа: ‘Кој ти се заканува’? Ивана молчеше исплашена. ‘Ако уште еднаш пријавиш, ќе одговараш за лажно пријавување!’, ѝ се заканија полицајците и си заминаа“, сведочеше Саздов под заклетва.
Потоа, Ивана сакала насамо да збори со Мартин, но Стојанче не ѝ дозволил.
„Ѝ реков да си оди кај мајка ѝ веднаш! ‘Курво, да си ги земеш парталите и да се губиш! Ќе видиш ти со кого имаш работа, ќе ти земам и стан и дете!’“, ѝ се заканувал Стојанче на Ивана, која повторувала дека не може да живее без ќерка ѝ Катја. Откако нејзините ја исфрлиле од оставинската постапка за станот на татко ѝ кој штотуку починал, станот кој Стојанче се заканувал дека е ѝ го земе ѝ останал единствен нејзин имот.
Ивана инсистирала пред да отидат по стварите во станот да ја земат Катја од училиште и со неа да отидат.
Сведочењето продолжува во Кривичниот суд во Скопје.
С. К. ДЕЛЕВСКА



