АКО СЕ ДОКАЖЕ ДЕКА ЗАМЕНИК-ДИРЕКТОРОТ НА „МАКЕДОНИЈА ПАТ“ ЈА УБИЛ МЕЧКАТА ЌЕ ГО РАЗРЕШАМ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    АКО СЕ ДОКАЖЕ ДЕКА ЗАМЕНИК-ДИРЕКТОРОТ НА „МАКЕДОНИЈА ПАТ“ ЈА УБИЛ МЕЧКАТА ЌЕ ГО РАЗРЕШАМ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ„Анима Мунди“ објави фотографија од Дранго како се слика со убиена мечка и побара кривично да одговара.(Фото: Анима мунди)

    Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ќе го разреши заменик-директорот на ЈП „Македонија пат“ Сашо Дранго ако се докаже дека тој ја убил мечката.

    „Доколку се потврдат овие тврдења, ќе барам одговорност и ќе биде под итно разрешен. Апсолутно таквите девијантни однесувања доколку се потврдат, јас ниту ги оправдувам, ниту имам намера да ги амнестирам“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање пред Соборниот храм Свети Климент Охридски по Божиќната литургија.

    Организацијата за заштита на животните „Анима Мунди“ на 2 јануари објави фотографија од Дранго како се слика со убиена мечка и побараа кривично да одговара. Од „Анима мунди“ рекоа дека мечката е класифицирана како дивеч под заштита и нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането за што е предвидена и затворска казна.

    Заменик-директорот на „Македонија пат“ кој е и претседател на унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, кажа дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа. Тој тврдеше дека заедно со вработените во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, па потоа тој се сликал со неа.

    Битолското обвинителство отвори предмет за случајот со усмртената мечка со која позираше заменик-директорот на Македонија пат.  Од здружението „Анима Мунди“ побараа да се провери дали во декември 2024 постои пријава за убиство на мечка во некоја од надлежните инстируции, а МВР да провери дали Дранго кој позира со мртва мечка во ловечка униформа, наоружан со снајпер и двоглед, има забрана за користење оружје и истото му е одземено во претходна постапка.

    Според Законот за дивеч и ловството мечката е под заштита и секое нејзино ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.

    Кривичниот законик предвидува затворска казна до три години за ловењето на дивеч под заштита.

    За отстрел на мечка предвидена е и парична казна од 18.000 евра за мечка постара од две години.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира