По укинувањето на апанажата за избрани и именувани функционери кои се разрешени или си дале оставка, се разви полемика меѓу правната фела дали тука спаѓаат и пратениците од Собранието кое изгласало самораспуштање пред да истече мандатот од 4 години на тој пратенички состав.
За разлика од разрешените министри и директори, како и од пратениците кои си дале оставка како индивидуален чин, 120-темина пратеници од составот кој изгласал самораспуштање, ќе може да си зема апанажа во износ од пратеничката плата уште една година по самораспуштањето.
„Ако Владата не е задоволна од работата на некој министер, директор, што го именувала, дава предлог да се разреши. Значи, лошо работел. Зошто да му следува апанажа? Ако министер, директор на орган на државната управа или пратеник си поднесе оставка од функцијата, и тука не следува апанажа. Но, ако Собранието донесе колективна, односно одлука со пропишаното мнозинство од пратениците да се самораспушти, тоа се самораспушта за нови избори. Оваа ситуација е поинаква и на носителите на парламентарната власт ќе им следува апанажа една година по престанок на пратеничкиот мандат, односно по формирање на новиот парламентарен состав”, велат од Уставниот суд.
Според денешната одлука на Уставниот суд, апанажа нема да им следува ни на реконструираните министри во една Влада. Се смета дека тие се разрешени од Собранието.
Уставниот суд денеска донесе одлука да го укине правото на апанажа на функционери кои се разрешени или поднеле оставка, укинувајќи го членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери како спротивен на владеењето на правото.
Според Уставниот суд, овие функционери се разрешени или поднеле оставка заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција и поради тоа, не треба да добиваат паричен надоместок во вакви случаи.
Укинатиот Член 22 гласи:
„Пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има сите права од член 19 на овој закон. Лицата од став 1 на овој член, додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор“.
Оваа одлука на Уставниот суд е конечна и влегува во сила откако ќе се објави во Службен весник.
Оние функционери кои не биле разрешени и не поднеле оставка можат да примаат плата по престанувањето на функцијата за време од три месеци до една година, во зависност од тоа колку време биле на функција.
С. К. ДЕЛЕВСКА