Македонија има две црвени линии кога се работи за Преговарачката рамка и за заклучоците на Европскиот совет, а тоа се двостраниот Протокол и почетокот на преговорите да зависи од внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, според министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
За неколкудневниот молк за францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции, двајцата велат дека тоа било направено во консултација со нашите партнери кои сугерирале дека не треба да влијаеме ниту позитивно, ниту негативно, до завршувањето на гласањето доверба на бугарската влада во вторникот вечер, но признаваат дека на нивна штета било молчењето.
„Единствено што е проблем во рамката, што е додаден во заграда протоколот. Протоколите се записници од Меѓувладината комисија еднаш годишно, што е направено и ќе се направи во следната година. Станува збор за инструмент за имплементација на Договорот за добрососедство. Таков има еден од 2019 година, потпишан од Никола Димитров и оттогаш нема одржано средба, па нема ни записник. Бугарите бараа тој протокол да се спомене посебно во Преговарачката рамка, но Французите никогаш тоа не го прифатија и затоа е во заграда. Ако се тргне зборот ‘протокол’, Преговарачката рамка станува прифатлива за нас. Еден збор е спорен“, вели Османи.
Понатаму, во предложените заклучоци на Европскиот совет, според Османи, Французите излегле со решение на инсистирање на Бугарите да има две меѓувладини конференции. Првата политичка, уште вчера во Брисел, а втората за отворање на преговорите по внесување на Бугарите во македонскиот устав.
„Ние им рековме дека не може. Им кажавме дека и легално формално тоа не држи, тргнете го тој збор ‘отворање’, затоа што преговорите веќе се отворени, сега само треба да се операционализираат“, вели Османи.
Министерот за надворешни работи рече дека ако денеска во бугарскиот парламент се усвои резолуција со која ќе се инсистира на внесување на протоколот во Преговарачката рамка, тоа е лошо и за самата Бугарија, бидејќи веќе нема да има средби на Меѓувладината комисија и никој нема да се осмели да се сретне и да потпише, зашто станува дел од рамката.
Сепак, бугарскиот парламент изгласа таква одлука, за вклучување во преговарачката рамка на референца за билатералните протоколи за Договорот за добрососедство
За францускиот предлог, Османи рече дека Французите биле чесни посредници и биле многу внимателни, но на крајот влегле во цајтнот и морале да нешто да претстават и дистрибуирале некомплетен предлог. Тој повтори дека ние никогаш формално не сме го добиле предлогот.
Вчера, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека францускиот предлог за одблокирање на македонските интеграции е неприфатлив за нас во сегашната форма, но остава простор ако се постигне разбирање за нашите позиции, разговорите да продолжат со цел пристапните преговори со ЕУ да почнат месецов.
М. ИЛИОСКИ