Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека владата се откажува од набавка на нов владин авион, по критиките од опозициската СДСМ. Мицкоски рече дека на средбите што ги имал со лидерот на опозицијата Венко Филипче се договориле дека за оваа тема не треба да се критикува Владата бидејќи утре ќе биде друга влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни цели.
„Но, гледам дека не си стојат на зборот и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок и дека е беспредметна“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по конференцијата за формализирање на неформалната економија.
Владиниот „лирџет 60“ е произведен во 2004 во Вичита, Канзас, во фабриката на „Бомбардиер аероспејс“ и е во сообраќај од јануари 2005 година. Kупен e во време на Владата на Владимир Бучковски. Според перформансите, тој е бизнис авион со долет на средни линии, односно од Скопје и Охрид може да лета низ Европа и до Блискиот Исток, но не и на прекуокеански летови, и има седум седишта.
Премиерот кажа дека владиниот „лирџет“ го користел четири пати. Од Сплит до Скопје, после годишниот одмор во август лани, се вратил со владиниот авион бидејќи го пропуштил летот на „Кроација ерлајнс“.
„До Хрватска бев со комерцијален лет на ‘Кроација ерлајнс‘ до Сплит, на покана на хрватскиот претседател, господинот Зоран Милановиќ. Имав работна вечера и мојот годишен одмор којшто требаше да трае три дена, го продолжив за еден ден да трае четири дена. И бидејќи го испуштив авионот повратно со комерцијален лет да се вратам во Скопје, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде, ме зема од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје“, рече Мицкоски.
Во историјатот на официјалната фејсбук страница на премиерот, од 4 до 10 август не се објавени никакви активности. ТВ Телма објави дека владиниот авион летал за Сплит на 10 август.
На 11 август премиерот бил на увид на изградба на спортска сала во Огњанци, три улици во Р’жаничино и асфалтирање на патот Катлановска Бања – Градманци.
А. АНТЕВСКА



