Центарот за управување со кризи (ЦУК) објави дека изминатите 24 часа биле регистрирани 35 пожари, од кои што 12 се активни, а 23 се изгасени. Активни се два пожари во Општина Чашка, а има пожари и во општините Росоман, Кавадарци, Штип, Долнени, Велес, Градско, Македонски Брод, Неготино, Ново Село и Делчево.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вели дека вчера во гаснењето на пожарите биле вклучени 145 војници, 55 полицајци, од кои 30 од Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и 25 припадници на единицата „Тигри“, како и 40 припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Полициски хеликоптер и вчера учествуваше во гаснењето на пожарот на планината Серта, меѓу штипските села Драгоево и Селце. При дејствувањето, во 26 налета се исфрлени 39 тони вода. Од МВР велат дека пожарот сè уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.
Од 15 јули 2024 година во земјава е воведена целосна забрана за движење во шумите. Забраната важи од 6 до 20 часот и ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален. Одлуката е по барање на „Национални шуми“ поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.
За непочитување на забраната, на физички лица кои ќе бидат затекнати ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.