Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека албанската опозиција се обидува на секаков начин да прикажува дека сега сè е катастрофа, откако тие не се на власт.
Изминатиов период имаше три смртни случаи на деца на Клиниката за детски болести, и на новинарско прашање дали го добил извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во врска со смртта на 5-годишно девојче, Таравари кажа дека го очекува деновиве и додаде дека не може здравствениот систем преку ноќ за неколку месеци да се подобри.
„Сител“ минатата недела објави дека 5-годишо девојче почина од воспаление на мозокот на Клиниката за детски болести. Од Клиниката изјавиле дека девојчето од Скопје кај нив било хоспитализирано пред две недели поради силна главоболка. Најпрвин било лекувано на Одделот за неврологија, но минатата недела состојба ѝ се влошила и ја префрлиле на Одделот за интензивна нега каде ѝ била направена и интубација, но како што велат од Клиниката, и покрај сите напори на медицинскиот кадар не успеале да го спасат детето кое развило менингоенцефалит, а на 5 ноември констатирале смрт.
„Ова што се случува е последица на тоа што го наследивме. Не треба да се политизираат случаи кога детето било болно или навистина патологијата била тешка, оти од менингоенцефалитис секаде во светот починуваат деца, за жал и кај нас. Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди покажа и статистика за морталитетот на Клиниката така што не е ништо спектакуларно како што прикажуваат. На некој начин сакаат да го тргнат вниманието на јавноста од реалните проблеми па еве како да го критикуваме Таравари или директорот на Детска клиника, па ај ќе кажеме дека починало некое дете. Ако е болеста сериозна да, но кога има феномен на лекарски пропуст ние преземавме мерки“, рече Таравари на панел дискусија на тема „Подобрување на квалитетот на воздухот со цел креирање безбедна, креативна и продуктивна средина за учење“.
Б. НЕСТОРОСКА