АЛБАНЦИТЕ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ ПРЕДЛАГААТ СУДИЈА ЗА АПЕЛАЦИЈА СО ЧИЈ ИЗБОР СЕ ЗАПИРААТ ПРЕСУДАТА ЗА „КОСМОС“ ПРОТИВ ГРУЕВСКИ, „МОНСТРУМ” И „ТИТАНИК”

    АЛБАНЦИТЕ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ ПРЕДЛАГААТ СУДИЈА ЗА АПЕЛАЦИЈА СО ЧИЈ ИЗБОР СЕ ЗАПИРААТ ПРЕСУДАТА ЗА „КОСМОС“ ПРОТИВ ГРУЕВСКИ, „МОНСТРУМ” И „ТИТАНИК”Азилантот во Унгарија Никола Груевски на судење како обвинет во „ТНТ“ за одмаздничкото уривање на „Космос“ на Фијат Цаноски. (Фото: СДК.МК)

    Членовите во Судскиот совет кои се од албанската заедница го предложиле судијата Осман Шабани од Одделот за организиран криминал во Основниот суд Скопје 1 за едно од шесте судиски места во Апелациониот суд Скопје, избор кој се прекина на последната седница на Судскиот совет.

    Според распределбата на судиските места по правична застапеност, шесте места, велат во Судскиот совет и во Апелациониот суд Скопје, припаѓаат на македонската заедница, бидејќи тоа се испразнети судиски места од оваа заедница.

    Инсистирањето на членовите Албанци во Судскиот совет, предводени од в.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани, ја прекина завчерашната седница на која требаше да се изберат шестемина апелациони судии, воопшто не поради тоа на која заедница припаѓале местата, зашто, како што велат во Советот, исклучоци се правеле и ќе се прават кога ќе наидете на си-ви од навистина квалитетен кадар за судија во повисок суд.

    Проблемот не е само во неконструктивноста на овие членови со ненадејното инсистирање едно од трите места за судии кривичари да биде предложен судија од албанската заедница, туку дека со изборот на судијата Шабани токму сега на овој оглас, Судскиот совет ги загрозува предметите „Монструм“ и најголемиот „Титаник“. Го загрозува и изрекувањето ма пресудата за „ТНТ“ за одмаздничкото уривање на „Космос“ на Фијат Цаноски по наредба на Никола Груевски и Миле Јанакиески, судење кое е на самиот крај.

    Сите овие три предмети од висок јавен интерес ги води или е втор судија во судискиот совет токму судијата Осман Шабани. Ако биде избран за апелационен судија, сите негови предмети ќе почнат одново, заклучно со овие три од висок јавен интерес. Одново ќе треба по две и повеќе години да се потрошат за овие судења отпочеток.

    Од друга страна, законско право на секој судија е да конкурира во повисок суд. Шабани го поминал интервјуто во Судскиот совет и не ги повлекол документите до денеска. Тој го води и „Талир“, процесот за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со перење пари.

    Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев вели дека ја следи ситуацијата, се консултирал со претседателот на Судскиот совет Киро Здравев и оти разгледува опција како да се спасат од вакви ситуации не само овие, туку и сите почнати судења кога судијата од некоја причина евентуално би ги напуштил.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира