Вршителот на должност директор на Управата за извршување на санкциите Александар Пандов, во вонредна и ненајавена контрола во затворот „Скопје“ во Шутка на 19 јули минатата недела вели дека затекнал две специјални места, т.н возен парк и перална, во кои биле ставани затвореници по наредба на директорот Филип Андов, кои требало да си излегуваат-влегуваат во затворот кога сакаат.
На прес-конференција Пандов кажа дека затворски полицајци му се пожалиле оти не секој од нив имал пристап до наводно ексклузивните две места и оти во нив биле носени само осудени лица за кои ќе дал наредба директорот. Пандов додаде дека за тоа директорот Пандов земал пари.
Според списокот, во затворот требало да има 180 лица. Кога отишол, видел дека недостасуваат 11 затвореници. Десетмина од нив ноќта се враќале во затворот, а денеска четворица повторно избегале.
Го побаравме Андов за коментар за овие обвинувања од претпоставениот, тој кажа дека ќе поднесе тужба за клевета против него.
„По денешната прес-конференција на директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов, најавувам дека ќе поднесам тужба за нарушување на мојот углед, но и на институцијата со која раководам. Сите обвинувања целосно ги отфрлам како неточни. Ги повикувам институциите да постапат согласно закон, да ги утврдат сите факти и околности по извршениот вонреден надзор во петокот, каде што од страна на директорот Пандов се споменува дека не биле присутни 11 лица, а пријавено е само едно, додека другите биле контактирани по телефон да се вратат. Епилогот од таквото нестручно и неправилно однесување на директорот Пандов резултираше со бегство кое се случи во текот на ноќта од страна на четири лица“ , кажа Андов за САКАМДАКАЖАМ.МК .
Директорот на Управата за извршување на санкциите рече дека го информирал премиерот Христијан Мицкоски за „Шутка“ и за сличната состојба во останатите затвори во државата, со мислење и препорака да бидат сменети.
На новинарско прашање тој одговори дека не Управата, туку судот му дал прекин на казната на Бојан Јовановски, а за Катица Јанева рече дека има право пак да поднесе до него барање за фирма, односно барање за работа преку ден.
Тој кажа и дека им дал условен отпуст на дел од осудените за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, бидејќи се работело за лекување на акутни здравствени проблеми.
С. К. ДЕЛЕВСКА