„АЛКАЛОИД“ ОТВОРИ НОВA ЛАБОРАТОРИJA ЗА КОНТРОЛА НА КОЗМЕТИЧКИТЕ ПРОИЗВОДИ, ИНВЕСТИЦИЈАТА ЧИНИ 720.000 ЕВРА

    „АЛКАЛОИД“ ОТВОРИ НОВA ЛАБОРАТОРИJA ЗА КОНТРОЛА НА КОЗМЕТИЧКИТЕ ПРОИЗВОДИ, ИНВЕСТИЦИЈАТА ЧИНИ 720.000 ЕВРАОбезбедени се простории за лабораториско работење, простор за обработка на податоци, складирање документација, просторија за чување реагенси, за резервни мостри, како и вагална и перална.(Фото: Алкалоид)

    Компанијата „Алкалоид“ отвори нови лабораториски капацитети за контрола и за следење на квалитетот на производите со површина од 400 метри квадратни. Добропознатите брендови ‘Бекутан‘, ‘Сатва‘, ‘Јанг дерм‘, ‘Блек ап‘ и ‘Глос‘ отсега ќе добијат нови лаборатории за следење на нивниот квалитет, како и за развој на нови производи, во согласност со важечките национални и интернационални регулативи.

    Како што информираат од компанијата новиот инвестициски проект е вреден 720.000 евра и е изведен во согласност со најсовремените услови за работење. Обезбедени се простории за лабораториско работење, простор за обработка на податоци, простор за складирање документација, просторија за чување реагенси, просторија за резервни мостри, како и вагална и перална.

    Козметичкиот сегмент во личната карта на ’Алкалоид’ постои од 1972 од кога датираат и зачетоците на некои од нашите добро познати брендови, кои успеале да опстојат на пазарот сето ова време благодарение на нивниот константен и врвен квалитет. Динамиката на козметичката индустрија наложува постојано следење на трендовите преку воведување нови формулации кои ќе ги задоволат најпробирливите барања на потрошувачите. Овие нови лабораториски капацитети, кои ги пуштаме во употреба денес, имаат цел да ги осигураат високите очекувања во поглед на квалитетот на нашите козметички производи и да создадат нови производи во склад со потребите на модерните текови во козметологијата“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

    Со инсталираната опрема во новите лабораториски и развојни капацитети ќе се овозможи одредување на квантитативната застапеност на конзерванси, тешки метали и на активни компоненти во производите, додека, пак, опремата за контрола на составот на материјалите за пакување на производите ќе обезбеди континуиран мониторинг на влезната амбалажа и на нејзината безбедна употреба. Коморите опремени со термометри и со влагометри дозволуваат симулации за потврда на стабилноста на производите за сите климатски зони во светот.

    Сегментот козметика на „Алкалоид“ АД Скопје има 136 вработени. Во новите лаборатории за контрола на квалитетот, истражување, развој и за регистрации ќе работат 18 фармацевти, технолози, хемиски инженери и хемиски техничари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира