„Алкалоид“ реализираше раст на консолидираниот извоз од 8 отсто, раст на консолидираната нето добивка од 4 отсто, инвестиции во износ од 561,4 милиони денари и 105 нови вработувања во периодот јануари – јуни 2018, соопшти фармацевтската компанија.
Според единечниот Биланс на успех, во првата половина на годината продажбите достигнуваат 3.647.869.385 денари, што е за 4 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Компанијата оствари добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 701.478.745 денари, односно таа бележи зголемување од околу 8 отсто, единечната нето добивка изнесува 400.335.106 денари и таа е зголемена за 7 отсто.
Во периодот јануари – јуни, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 4.787.739.685 денари, што е за 5% повеќе во споредба со истиот период од лани.
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се на исто ниво, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 8 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 37 отсто се остварени на домашен пазар, додека 63 отсто се остварени на странски пазари.
„Алкалоид“ најмногу извезува во земјите од Југоисточна Европа, каде се остварени 35 отсто од вкупните консолидирани продажби, потоа во Русија и другите земји од ЗНД 6 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) 20 отсто и на останатите пазари се 2 отсто.
Најзабележителен раст на извозот е остварен во Полска со продажби од 24.857.778 денари што е 7,4 пати повеќе од лани, потоа во Унгарија со продажби од 70.759.053 денари што претставува зголемување од 6 пати и САД со продажби од 97.149.017 денари што е двојно повеќе споредено со истиот период лани. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Украина раст од 88%, Чешка раст од 48%, Србија раст од 24%, Косово раст од 23%, Хрватска раст од 4%.
Во продажбата најмногу учествуваат производите од сегментот фармација и тоа 84 отсто, потоа сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 16 отсто.