Електричните алки за домашен затвор се донесени во Кривичниот суд во Скопје, каде вчера почна со работа канцеларија за примена на Законот на пробација. Иако Законот стапи на сила во ноември 2016 година, досега опремата набавена за примена на законот, како што се алки за домашен затвор, монитори и софтвер не биле ставени во фунцкија.
За пет лица од скопското апелационо подрачје и 12 лица од другите апелациони подрачја изречена е мерка според Законот за пробација. Досега на ниедно лице не му е ставена електрична алка, бидејќи вчера и денеска не е изречена пресуда за домашен затвор.
„Законот за пробација стапи на сила во 2016 година, но зошто досега не се применуваше треба да ја прашате претходната директорка на Управата за извршување на санкции. Зошто 1,5 милиони евра опрема стои заклучена во Издризово? Набавени се 400 алки. Од вчера почна да работи канцеларијата во Кривичниот суд, предвидено е да се отворат уште 11 вакви канцеларии, за што ќе се вработат 90 пробациски службеници“, рече директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ.
Со законот се уредуваат пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, обврски изречени во кривична постапка согласно со закон.
А. АНТЕВСКА