САД ќе ги земе на одговорност политичарите во Македонија што го блокираат формирањето на Владата бидејќи ги обезвреднуваат владеењето на правото, демократските процеси и стабилноста на Македонија и регионот пошироко, пренесе попладнево Гласот на Америка на македонски јазик, цитирајќи претставник на Стејт департментот.
„Македонските граѓани избраа парламентарни претставници во декември, и постои јасно мнозинство во Собранието, што чека да формира Влада. Соединетите Американски Држави ги поттикнуваат македонските лидери да сторат се` што можат, за формирање на Влада без натамошно одлагање за државата да може да продолжи со реформите потребни да стане полноправна членка на евро-атлантското семејство“, стои во реакцијата на Стејт департрментот по барањето на Гласот на Америка на македонски, за коментар по политичката криза во државата.
„Политичарите кои се обидуваат да го блокираат формирањето на Владата, ги обезвреднуваат владеењето на правото, демократските процеси и стабилноста на Македонија и регионот пошироко. Ние ќе работиме со нашите европски партнери на охрабрување на овие политичари, да престанат со нивните опструкции, вклучувајќи и земање на одговорност за нивните постапки“, се вели во изјавата на портпарол на Стејт департментот што ја пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.