Судскиот процес за нелегалното уривање на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски од политичка одмазда, каде првообвинет е експремиерот Никола Груевски, го следи обвинителот Џон Мекнил од САД.
Мекнил е обвинител со 30-годишна кариера и тој е новиот Правен советник на амбасадата на САД во Македонија. Во средата во судницата во Основниот суд Скопје 1 дојде на почетокот на судењето на „ТНТ“, со преведувач од амбасадата.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто присуство на толку високо ниво и токму за овој судски процес, дали ова судење обвинителот ќе го следи и во следните продолженија и дали ќе има присуство од амбасадата и на следните судски процеси за организиран криминал и корупција, оттаму ни одговорија:
„Претставниците на Американската амбасада повремено ги следат судските процеси како дел од нашите тековни напори за помош на судскиот систем на Македонијa“.
Обвинителот Мекнил, кој претходно работел и како новинар, во неколкуте работилници што ги организираше откако е на должноста во амбасадата, ја потенцира важноста на транспарентноста на судството, медиумите и казнената политика, како услов за јакнење на судската независност. На тие работилници тој апелираше до судиите: „Отворете ги судниците, почитувајте ги новинарите, едуцирајте се за нивната работа, едуцирајте ги медиумите за вашата работа…“
Во случајот „ТНТ“ Специјалното обвинителство, за злоупотреба на службената положба и овластувањата, покрај Груевски ги обвини и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски и уште четворица вработени во општината кои го минирале и уништиле огромниот комплекс во градба, по план и нарачка на Груевски и Јанакиески.
С. К. ДЕЛЕВСКА