Амнестијата нема да важи за припадниците на министерството за внатрешни работи кои се носители на ланецот на командната одговорност во МВР, односно ја имаат златната, бронзената и други команди, велат извори до Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК, откако вчера телото за помирување соопшти дека изготвило предлог-текст на закон за амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април лани.
Собраниски извори велат дека со предлогот нема да можат да бидат амнестирани покрај Митко Чавков, ексдиректор на Бирото за јавна безбедност и златна команда во оперативниот штаб на МВР кој не издаде наредба да ги спаси пратениците за време на организираниот напад на Собранието, како и другите припадници на МВР кои имаат сребрена, бронзена и други команди.
„Амнестија нема да има за носителите на командната одговорност во МВР, златна, сребрена, бронзена и други команди, како и за инспираторите, организаторите на насилствата, лицата кои вршеле разни насилства, и сите лица кои се опфатени поради здружување на непријателска дејност. Пратениците нема да одлучуваат како ќе бидат квалификувани кривичните дела, туку тоа ќе го прави обвинителството. Кога обвинителството точно ќе ги квалификува кривичните дела, тогаш ќе се знае точно кој од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, ќе можат да се повикаат на амнестија“, велат извори до Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Независниот пратеник од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Зекир Рамчиловиќ вчера изјави дека подгрупата за помирување направило предлог-текст на Закон за амнестија, според кој, право на помилување од кривичните дела извршени во Собранието на 27 април нема да имаат обвинетите кои се инспиратори, организатори на насилствата, кои вршеле акти на насилства, обид за убиство и кои се опфатени во здружување заради непријателска дејност.
Рамчиловиќ кажа дека е најдена правна формулација со која нема да се загрози понатамошната судска постапка за организираниот напад на Собранието на 27 април.
Предлогот за амнестија ќе го разгледува интерпарламентарната група за реформи, интеграција и помирување, а потоа ќе биде доставено до сите пратеници. Конечниот текст на законот за амнестија, како што ни изјавија пратеници, ќе се носи по скратена постапка, а седница ќе биде закажана деновиве.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев изјави дека ставот на партијата е принципиелен, односно бараат целосна амнестија за случувањата на 27 април, за да нема политички условувања, уцени и други перипетии и непринципиелни работи.
ВМРО-ДПМНЕ не учествува во интерпарламентарното тело за реформа, интеграција и помирување.
Г. ТРПЕНОСКИ