АНБ МОЖЕ УШТЕ УТРЕ ДА МУ ГО УКИНЕ ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НА ФИЛИПЧЕ, А МОЖЕ ДА РЕЧЕ И ПЕТ ГОДИНИ ДА БИДЕ ОБЕЗБЕДУВАН ЗАШТО ЗАВИСИ ОД НЕЈЗИНА ПРОЦЕНКА, ВЕЛАТ БЕЗБЕДНОСНИ ИЗВОРИ

    АНБ МОЖЕ УШТЕ УТРЕ ДА МУ ГО УКИНЕ ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НА ФИЛИПЧЕ, А МОЖЕ ДА РЕЧЕ И ПЕТ ГОДИНИ ДА БИДЕ ОБЕЗБЕДУВАН ЗАШТО ЗАВИСИ ОД НЕЈЗИНА ПРОЦЕНКА, ВЕЛАТ БЕЗБЕДНОСНИ ИЗВОРИФилипче не е министер од 17 јануари. (Фото: СДК.МК)

    На доскорешниот министер за здравство Венко Филипче му е продолжено обезбедувањето од МВР на неодредено време, а не на шест месеци како што се шпекулира во јавноста, велат безбедносни извори за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Обезбедувањето е по наоѓање на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), а МВР мора да постапи. Не е точно дека има рок колку ќе трае тоа дополнително, односно пролонгирано обезбедување на Филипче. Може ќе биде до утре, може ќе трае 5 години, проценките ги прави АНБ. Според тоа, причините за пролонгираното обезбедување ги знае само Агенцијата“, велат безбедносните извори, ненавлегувајќи зошто е потребно полицијата да го обезбедува Филипче иако веќе не е министер.

    Министерството за здравство од 17 јануари го раководи кадарот на Алтернатива Беким Сали, кој на функцијата го замени Филипче. Филипче беше министер за здравство 4 години, од кои две години во време на пандемијата на ковид-19. По заминувањето од министерската функција, д-р Филипче се врати на редовна работа на Клиниката за неврохирургија и на Медицинскиот факултет во Скопје.

    Обезбедувањето на личностите, вели МВР, е регулирано со Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување врз основа на која Министерството за внатрешни работи во рамките на својата надлежност презема мерки и активности за обезбедување на највисоките претставници на органите на државна власт.

    „Во контекст на наведеното, определени се мерки и активности за обезбедување на тогашниот министер за здравство Венко Филипче. Врз основа на член 6 став 3 од Уредбата, може да се определат мерки за обезбедување по престанокот на функцијата на членови на Владата на Република Северна Македонија. Филипче во моментов има обезбедување од МВР, кое му е определено врз основа на безбедносна проценка“, се вели во писменото соопштение на МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира