Велешкиот основен суд на анестезиологот Томчо Ванчев на повтореното судење му одреди затворска казна во траење од една година за смртта на родилката Маја Кадиева, за кривично дело Тешки дела против здравјето на луѓето.
И во повтореното судење, анестезиологот Томчо Ванчев е прогласен за виновен, а гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов се ослободени од вина. Судот на Ванчов му изрече и забрана за вршење на дејноста во траење од пет години, при што времето минато во затвор не се пресметува.
Смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе се случи на 22 октомври во Гевгелиската болница во вечерните часови. Пресудата е првостепена и не е правосилна. Судијката Габриела Гајдова, објасни дека изречената казна од една година е помала од таа од претходното судење, кога на д-р Ванчев му беше изречена казна затвор од четири години, оти Обвинителството пред завршни зборови го трансформирало обвинителниот акт, со кој на обвинетите им се ставаше дека делото го сториле со умисла, каде најмалата казна е четири години затвор. Сега во обвинителниот предлог делото е сторено од небрежност, а запретената казна е од шест месеци до пет години.
Судијката во 30-минутното образложение на одлуката кажа дека не е точна перцепцијата на јавноста „секој смртен случај на пациентите е резултат на грешка на лекарот“.
„Од изјавите на сведоците и од вештачењето на стручните лица, недвосмислено се утврди дека д-р Ванчов дошол во алкохолизирана состојба на договорениот царски рез, извршил повеќе од три интубации и се обидел да интубира повеќе од 10 минути. Постапил спротивно на протоколите поради што настапила смртта кај Маја Кадиева и новороденото бебе“, рече судијката Гајдова.
Во завршниот збор, обвинителката Славица Темелковски посочи дека во предистрага бил направен пропуст за степенот на алкохолизираност на обвинетиот д-р Ванчов, поради несоодветна постапка.
„Од вештачењето на стручните лица се утврди дека кај родилката имало поширока индикација за породување со царски рез и д-р Ванчов не згрешил што како термин го закажал 22 октомври, што е спротивно на тврдењето на Обвинителството дека царскиот рез е закажан без да постои индикација за тоа. Не е точно тврдењето на обвинението дека со излегувањето од салата на двајцата гинеколози д-р Ванчов и д-р Москов, била нарушена кохезивноста на оперативниот тим, бидејќи според изведените докази, тоа било сторено откако од страна на анестезиолозите им било кажано дека царскиот рез врз родилката се одлага“, образложи Гајдова.
Пресудата ја слушна оштетениот Димитри Кадиев, сопруг на починатата Маја Кадиев и новороденчето кое било живо родено но по 10-тина минути починало.
„Кармата работи, вториот анестезиолог Зоран Јовановски почина. Почина и лицето, брат на тогашниот директор на гевгелиската Болница, кој работеше во гевгелиската полиција и дојде да зема докази. Но, наместо да земе урина, земал крв за докажување на алкохолизираност на обвинетите анестезиолози. Осудениот д-р Ванчов е на хемотерапија и тешко болен“, кажа очаен Димитри Кадиев.
П. ПЕЧКОВ