Антикорупциската комисија нема ништо сработено во однос на проверката на имотната состојба на судиите која ја најави во јануари годинава. Нема резултат ни од проверката на анкетните листови поради можно коруптивно однесување на поранешните претседатели на судови Јово Вангеловски и Владимир Панчевски, на експретседателката на Судскиот совет Александра Зафировска и други, нешто кое Антикорупциска го најави уште во март 2019 година.
Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека проектот со испитување на имотната состојба на судиите пропаднал и за тоа го обвини Судскиот совет. Претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, пак, вели да не помислува Ивановска да се вади на нив, туку да земат да работат тоа што им е надлежност. Притоа ги советува членовите на Антикорупциската комисија што треба да направат и да спасат нешто од годината што им отиде без да ги погледнат анкетните листови на судиите.
Ивановска на 23 јануари најави дека ќе се прави список на судии чија имотна состојба ќе се испитува, со помош на Судскиот совет.
„Тоа што ни го испрати Судскиот совет е неупотребливо. Ние баравме со нивна помош да ги поставиме критериумите за да извршиме испитувања на имотната состојба на овие функционери. Баравме да ни дадат податоци за број на земени во работа, број на решени предмети на судии, број на паднати нивни предмети по жалба пред повисок суд. Оттаму, да направиме список со судии кои често се коригирани од повисоките судови и да се насочиме на проверката на имотот на тие судии, не на сите. Место такви податоци, Судскиот совет ни испрати годишен распоред на судии по судовите во Македонија. Ние сакавме софтвер со такви податоци да направиме“, вели Ивановска.
На ова Здравев ја подучи Ивановска која е надлежноста на Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Антикорупциската комисија треба да се бави со својата, а не со нашата работа. Ние гледаме и броиме предмети кај судиите, ја следиме преку тоа нивната стручност и совесност. Испитувањето на имотната состојба моја и на сите колеги судии е во надлежност на Антикорупциската комисија. Не може да бараат нешто од нас кое е наша работа. Тие треба да тргнат од тоа што го навеле судиите дека го поседуваат како имот и од фактот дека платата на судиите е околу 1.000 евра. Потоа треба да се јават во Катастар, во УЈП, во Финансиска полиција или во Обвинителство, да го проверат потеклото на парите или на недвижниот имот, дали е од наследство стекнат, ако е купен со кои пари е купен итн. Можеби сè е во ред, но тие требаше досега да проверат“, ѝ одговори тој.
Ивановска на 27 март 2019 година кажа дека ќе ги провери првин анкетните листови на поранешните претседатели на судови Јово Вангеловски и Владимир Панчевски, на експретседателката на Судскиот совет Александра Зафировска, на судијките Сафија Лаличиќ и Светлана Костова за кои се слушна во бомбите како тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков им помогнал при изборот. Тогаш Ивановска спомна дека овие судии биле споменати во извештаите на Стејт Департментот и оти ќе се испитува потеклото на нивниот имот поради евентуално коруптивно однесување.
Но, година ипол нема ништо ни од ова, претседателката Ивановска кажа дека уште предметот е во Финансовата полиција. Директор на Финансовата е Арафат Муареми.
С. К. ДЕЛЕВСКА