Антикорупциската комисија на денешната седница донесе одлука да достави иницијатива до Владата за утврдување одговорност на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски бидејќи ненавремено донел решение за забрана за вршење технички преглед на станицата „Виа Комерц“, каде што по утврдувањето на неправилностите, технички преглед бил извршен и на превозникот „Беса Транс“ во чиј автобус во несреќа во Бугарија загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени.
Антикорупциската комисија утврди дека Спасовски не постапил правилно, бидејќи по добиениот извештај од инспекторатот кој извршил контрола и утврдил неправилности во работењето на станицата, тој не издал наредба во предвидениот рок од станицата да ги отстранат неправилностите, туку истата ја издал три дена по несреќата во Бугарија, дури три месеци од добиениот извештај.
Од Антикорупциската комисија велат дека сè уште не е утврдено дека сообраќајната несреќа се случила поради техничка неисправност на автобусот.