Антивладините демонстранти што се собраа пред седиштето на СЈО се блокирани. Не можат да тргнат кон Собранието оти таму е протестот организиран од ГДОМ за поддршка на Владата. Не можат да тргнат ни кон Владата оти булеварот Свети Климент Охридски е блокиран со два кордона полиција.
Тие протестираат против аболицијата од Претседателот Ѓорѓе Иванов и за одложување на изборите на 5 јуни.
Протестот пред СЈО го организира граѓанската инцијатива „Протестирам“. Тие бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
Попладнево, еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, и европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл денеска изразија жалење што лидерската средба со челниците на четирите најголеми партии во Македонија утре нема да се одржи во Виена.
„ Постојаните проблеми со владеењето на правото во Скопје, кои го поткопуваат договорот од Пржино, мора да се решат без понатамошно одложување. Ова особено се однесува на неодамнешното помилување од претседателот и за чекорите кои се итно неопходни за подготовка на веродостојни избори, кои би можеле да бидат признаени од меѓународната заедница“, стои во заедничката изјава на еврокомесарот и на европреатениците.
Во соопштението се наведува дека тие остануваат посветени да им помагаат на политичките партии во надминувањето на политичката криза, но оти партиите се тие кои треба да ги преземат следните чекори.