На пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски кој преку поранешниот претседател на Комисијата за лустрација Томе Аџиев лично нарачуваше лустрација на судијата Драги Билески од Кичево, не му е јасно зошто се носи закон за поништување на лустрацијата. За оваа нарачка на Милошоски во времето додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, јавното обвинителство ја продолжило истрагата што се водеше во СЈО.
Разговор меѓу Томе Аџиев и Антонијо Милошоски од 19. бомба објавена во април 2015 година:
ТА: Молим
АМ: Томе, здраво живо Антонио Милошоски е.
ТА: Здраво, здраво
АМ: Шо праиш добар си?
ТА: Добро добро еве сега нешто…
АМ: Со полна пареа сега.
ТА: Ха ха ха
АМ: Ха ха ха ха
ТА: Се загреваме…
АМ: Колку шо се може добро е. Денеска бил човеков и ја поднел
ТА: Е па добро, ало
АМ: Ало
ТА: Ало, прекина нешто телефонов
АМ: Аа ме слушаш Томе?
ТА: Да сеа слушам, слушам…
АМ: Значи човекот се вика Живко Туфегџиев, од Кичево е и поднел иницијатива за сомнение за судијата Драги, Драги Билевски од Кичево
ТА: Така
АМ: И многу големи проблеми ни прави, дел од корупцијата во градот…
ТА: Ќе го спроведиме, ќе го спроведиме ние
АМ: Колку шо може побрзо, ќе ни биде покорисно
ТА: Ќе го пуштиме сега веднаш со сите…
АМ: Да. Важи добро
ТА: Така
АМ: Поздрав голем, се најдобро.
ТА: Ајде поздрав пријатно.
Милошоски денеска побара министерката за правда Рената Дескоска да дојде на седницата на собраниската Комисија за политички систем каде стартува законот за поништување на лустрацијата кој беше поддржан од СДСМ, но злоупотребен од партијата на Милошоски ВМРО-ДПМНЕ. Бара лично да го образложи Законот со кој се овозможува поништување на лустрацијата и давање можност за обештетување на жртвите на режимот на Никола Груевски, Антонијо Милошоски, Томе Аџиев и останатите вклучени во масовната операција во која се прогласуваа за кодоши и мртви луѓе. Дескоска, застапена на седницата од својот заменик Оливер Ристовски, преку соопштение ѝ одговори на ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара нови начини на блокада за носење на законот.
Според Милошоски, за кого е отворена истрага зашто нарачуваше судија да се прогласи за кодош, „со овој закон на кодошите кои напредувале во кариерата врз таа основа им се овозможува дури и обештетување“. Рече дека „е поважно да се донесе системски закон за жртвите на државните кодоши“.
„ВМРО-ДПМНЕ е на страната на неправдата, а СДСМ се бори за правда. Ние како политичка опција секогаш сме биле и ќе бидеме на страната на правдата и ќе се трудиме да ги преземеме сите законски мерки за исправање на неправдата. Факт е дека транзицијата донесе многу видови на неправда и дека сите се согласивме за потребата на Закон за лустрација, но најстрашно е што тој беше целосно злоупотребен. Видовме што се случи со лустрацијата, без докази, аргументи и факти, надвор од она што значи закон и постапка, со оневозможување на лицата инволвирани да докажат невиност беа осудувани. Се лустрираа и починати луѓе. Јасна е потребата на ваквото законско решение, треба да кажеме дека грешки се прават, но треба да бидат исправени. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја признае грешката со целосната злоупотреба“, рече пратеничката од СДСМ Снежана Калеска-Ванчева, откако настапи пауза на Комисијата за политички систем, поради блокадите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, законот што СДСМ го предлага е во целосна спротивност на европските вредности и демократските принципи и затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи и ќе се обиде со амандмани да го спречи донесувањето.
Законот за поништување на лустрацијата денеска влегува во собраниска процедура и ќе биде разгледан од членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. На крајот на декември Владата го усвои предложеното законско решение на Министерството за правда со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни.
ВМРО-ДПМНЕ најави илјадници амандмани за да го блокира законот кој треба да ги исправи неправдите за оние лустрации кои биле нарачани и незаконски, како таа што ја нарачува Милошоски по телефон.
С. К. ДЕЛЕВСКА