АПАРАТИТЕ ЗА ИГРА НА СРЕЌА СЕ УРЕДНО СКЛАДИРАНИ И ВО СЕКОЈ МОМЕНТ ИМАМЕ УВИД ВРЗ НИВ, СВЕДОЧЕШЕ ДИРЕКТОРОТ НА ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА АЛЕКСАНДАР КЛИМОВСКИ, КОЈ НЕ ОДГОВОРИ ДАЛИ ДРУШТВОТО ЌЕ БАРА ОТШТЕТА ОД ГРУБИ И ОСТАНАТИТЕ ОБВИНЕТИ

АПАРАТИТЕ ЗА ИГРА НА СРЕЌА СЕ УРЕДНО СКЛАДИРАНИ И ВО СЕКОЈ МОМЕНТ ИМАМЕ УВИД ВРЗ НИВ, СВЕДОЧЕШЕ ДИРЕКТОРОТ НА ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА АЛЕКСАНДАР КЛИМОВСКИ, КОЈ НЕ ОДГОВОРИ ДАЛИ ДРУШТВОТО ЌЕ БАРА ОТШТЕТА ОД ГРУБИ И ОСТАНАТИТЕ ОБВИНЕТИДиректорот на Државна лотарија Александар Климовски на денешното судење рече дека органите на компанијата ќе заседаваат за штетата со набавката на овие машини кои се предмет на судењето. (Фото: СДК.МК)

На денешното рочиште за обвинението за незаконска набавка на видео-лотариски терминали (влт), или апарати за организирање на електронски игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра, сведочеше Александар Климовски, генералниот директор на АД Државна лотарија.

На воведните прашања од обвинителите Даниел Коцев и Александар Давчевски, рече дека бил избран на 5 август 2024 година за генерален директор на АД Државна лотарија.

„Кои игри на среќа има право да ги организира АД Државна лотарија согласно законот?”, праша обвинителот Даниел Коцев.

„Државна лотарија ги приредува општите игри на среќа (лото, инстант лозови, освен томбола од затворен тип), натаму електронските на посебен начин и интернет игрите на среќа кои се виртуелни и се организираат преку глобалната интернет мрежа“, одговори директорот.

Додаде дека во моментов освен вл-терминали, ги приредува сите останати игри на среќа што ги наведе.

„Од кои причини не се организираат влт игри на среќа?”, допраша обвинителот.

„Државната лотарија не приредува игри на влт уште од 2013 година, зашто целокупното право за електронски игри на среќа во тоа време, во целост било пренесено како влог во друго друштво АД државна видео-лотарија. Тоа е новооснована друга компанија, ‘Ново влт’. Таа била така запишана во трговскиот регистар, основана е од два содружника: АД Државна лотарија и друштво основано од Групацијата Новоматик. Но, ние согласно законот постапивме кон радружување од тоа друштво и извршивме статусна промена раздвојување со основање, со што тоа друштво ‘Ново влт’ престана да постои и е избришано од Трговскиот регистар”, одговараше Климовски на прашања на обвинителството.

Во продолжение рече дека апаратите за видео-лотариски игри кои се предмет на ова судење, се исплатени од Лотарија и уредно складирани и оти во секое време Друштвото има увид врз нив. Рече и дека од УЈП има одобрение за просторот за овие вл-машини за игри на среќа, а од Министерството за финансии нема. Тие решенија биле од пред неговото доаѓање во 2024 година, рече дека тој не барал нови одобренија. Во тој период се смени власта, дојде нова министерката за финансии од ВМРО-ДПМНЕ.

Климовски одговори дека се приклучува кон кривичниот прогон, а по однос на имотно правно побарување, ќе се изјасни во текот на оваа постапка: дали, во кој износ и како ќе го оствари АД Државна лотарија правото, дали преку оваа постапка или во граѓанскиот суд, откако ќе заседаваат органите на Друштвото.

Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра, иако законското право веќе било доделено на компанијата Казинос Австрија. Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.

Обвинителството тврди дека Обвинетите биле свесни дека АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.

И покрај тоа, првообвинетиот Бајрами, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, на 09.05.2023 година, до третиот обвинет Методија Димовски, генерален секретар на Владата, доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог-заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото.

Димовски на 06.06.2023 година ја предложил оваа информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, со што постапил спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Владата и не ја вратил информацијата до подносителот односно не ја препратил до надлежниот орган, стои во обвинителниот предлог.

Второобвинетиот Груби кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Влада на Република Северна Македонија во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво. Доставената информација била усвоена и Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија било задолжено да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронски игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видеолотариски терминали.

Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не е испочитувана, донеле одлука со која го одобриле отпочнувањето на постапката за јавна набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа како голема зделка.

Јавната набавка се реализирала и биле преземени обврски за исплата со кои на АД Државна лотарија била нанесена штета во наведениот износ 9,7 милиони евра.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира