АПАСИЕВ ИМА СОМНЕВАЊА ЗА ДИПЛОМАТА НА БОЈАН ХРИСТОВСКИ ОД ФАКУЛТЕТОТ ЗА ТУРИЗАМ, ПРОБЛЕМАТИЗИРАШЕ 5 ОД 9 УСЛОВИ ТОЈ ДА БИДЕ ДИРЕКТОР НА АНБ

    АПАСИЕВ ИМА СОМНЕВАЊА ЗА ДИПЛОМАТА НА БОЈАН ХРИСТОВСКИ ОД ФАКУЛТЕТОТ ЗА ТУРИЗАМ, ПРОБЛЕМАТИЗИРАШЕ 5 ОД 9 УСЛОВИ ТОЈ ДА БИДЕ ДИРЕКТОР НА АНБМицкоски му одговори на Апасиев дека на Факултетот за туризам и менаџмент, сега Факултет Скопје, ќе влезе Просветниот инспекторат. (Фото: К. Попов)

    Во попладневната пауза на седницата за пратенички прашања, пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев пред премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерката за образование Весна Јаневска, презентираше од собраниската говорница копии од уверението и од дипломата на директорот на АНБ Бојан Христовски, после кои Мицкоски кажа дека на Факултетот за туризам и менаџмент, сега Факултет Скопје, ќе влезе Просветниот инспекторат. Но, не веднаш, туку во 2025 година

    „Според мојата педантна анализа, од 9 услови, кај Бојан Христовски проблематични се дури 5. Досега беше оспорувано само тоа дека нема 12 години работно искуство во АНБ со 5 години на раководни позиции. Второто што се проблематизираше, беше меѓународниот сертификат ТОЕФЛ кој што е набавен од Бугарија и за кој што има и темплејт и еве вие како универзитетски професор знаете, а го имам и јас, па знаеме дека не е како овој што го доставил Христовски. Треба и да не е член на политичка партија, а бил, како и да нема судир на интереси, што е проблематично, зашто во ист ден ако не се лажам, беше избран и за асистент на Факултетот за безбедност“, почна Апасиев.

    „Она што јас сега сакам да го проблематизирам, е алинејата 3 од членот 10, која вели вака: Лицето да има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС (Европскиот кредит-трансфер систем), односно 7/1 степен на образование, во научните подрачја: 3 (општествени науки, природно-математички и техничко-технолошки науки). Од сивито на конкретниот господин, увидуваме дека тој има завршено Факултет за физичка култура што не спаѓа во овие, има магистрирано на Факултетот за безбедност што не спаѓа, бидејќи се бараат овие за додипломски и како единствена диплома што е релевантна, се општествените науки од приватната високообразовна установа Факултет за туризам и менаџмент Скопје во делот на општествени науки, односно економски науки“, продолжи тој, пред да го постави прашањето до Мицкоски.

    Апасиев рече дека вчера преку свиркач му биле доставени два вида релевантни документи што ќе ги цитира и каде тој има три основани сомневања што тој, Мицкоски и Јанева како универзитетски професори можат да ги продискутираат.

    „Прво, имаме Уверение онака како што го бара Правилникот од МОН, кој има три спорни моменти: Кај првото, се цитира член 238 од стаутот на универзитетот кај што е издаден. Јас го набавив статутот, завршува со член 165. Тоа значи правниот основ по кој што е издадено уверението, отсуствува. Вториот спорен момент е токму она што токму сега го зборуваше почитуваната министерка за образование, дека лица преку ноќ добиваат дипломи. Тие 240 кредити се 4 години студии. Тоа значи секоја година по 60 кредити. Во уверението стои вака: Учебна година на запишување на студиите е први септември 2022 година. Датум на завршување на студиите е 14 август 2023 година. Значи овој лик Бојан Христовски успеал да положи 4 години на Економски факултет во неполни 11 месеци. Тоа се многу, 38 испити, сосе дипломскиот труд, 40. Третата проблематичност е што универзитетот што го издава ова уверение и дипломата, во јануари 2023 година го менува називот од Универзитет за туризам и менаџмент, во Универзитет Скопје. Но, еве ги печатите. Во јануари 2023 година печатот на универзитетот е Универзитет Скопје. По 8 месеци, во август истата година, печатот на ова уверение е од стариот универзитет. Како може, ако престанало да постои тоа правно лице, печатот да се пушта во правен промет и сообраќај“, наведе Апасиев од говорницата.

    Ова беше во однос на уверението на Христовски, по што Апасиев премина на дипломата од дискутабилниот универзитет.

    „Дипломата е законска категорија и според Правилникот на МОН не може кој каква сака да издава, туку и државни, и приватни факултети даваат иста, стандардизирана. Пропишана е големината (420 мм на 297 мм, дека треба да се печати на 125-грамска хартија заштитена со единствен воден жиг и флуоресцентни влакна, итн, и која што е дадена на темплејт). Значи, дипломите се унифицирани. Во оваа диплома на Бојан Христовски само името и презимето одговараат. Има дури 7 суштествени повреди што неговата диплома ги нема, а Правилникот на МОН ги бара. Прво, нема основач на високообразовна институција, нема решение на МОН со број и датум за акредитација, нема просечна оценка со која дипломирал конкретниот кандидат, нема академски стручен степен во меѓународен промет, односно назив на англиски, нема сериски број на дипломата, нема број и датум на главна книга“, покажуваше Апасиев испечатени материјали од собраниската говорница.

    Потоа праша:

    „Дали вие премиере Мицкоски сте запознаени со овие наводи и дали има основ да пратите Просветен инспекторат да ги провери овие наводи коишто ги изнесов тука?“.

    Мицкоски се заблагодари на прашањето и му одговори на Апасиев читајќи од мобилниот телефон дека документите не му се целосни. Рече дека истиот свиркач и нему му ги доставил документите за факултетот на Бојан Христовски.

    „Според Уверението за положени испити од прв циклус издадени на 27.12.2022 година, студентот се стекнал со 180 кредити и истите овие предмети се препишани на Уверението издадено на 4.08.2023 година, односно тоа се 39, а не 40 испити, заклучно со дипломскиот труд. Првичното уверение има 31 положен испит заклучно со дипломскиот труд издадено на 27.12.2022 година со 180 кредити и потоа за уште една година положени се, односно според издаденото Уверение, стекнати се 240 кредити“, кажа Мицкоски.

    Потоа одговори на прашањето.

    „Дали треба да се пратат инспектори од Државниот просветен инспекторат, да, ќе се пратат. На сите универзитети ќе се пратат. Овој универзитет ‘Скопје’ конкретно на ред е за 2025 година. Ако не ги отстранат констатираните недоследности, тие ќе бидат санкционирани согласно законот“, кажа премиерот.

    Апасиев не кажа дека е незадоволен од одговорот, но документите не му ги даде на Тошковски кој неодамна кажа дека МВР го истражува случајот со ТОЕФЛ за англиски од Пловдив.

    „Почитуван премиере, од вкупно 4 недостатоци, успеавте да побиете една која јас не ја знаев, а вам ете ви ја доставиле на мобилен телефон. Тоа значи дека ликот Бојан Христовски наместо во една година да земе 4 години факултет, тој земал три плус една, што секако дека може. Остануваат дискутабилни: основот по кој што е издадено уверението по член што не постои во статутот, печатот кој е во правен промет 8 месеци по згаснувањето на правното лице приватна високообразовна установа и дипломата која не соодветствува на прилогот како треба да изгледа диплома“, задоволен беше на крајот Апасиев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира