Апелациониот суд Скопје им ги преполови казните од 1.000 на 500 евра на 35-темина адвокати што им ги изрече судијката Добрила Кацарска на 16 октомври лани, на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година.
„Одлуката советот во Апелациониот суд Скопје ја донесе на 17 декември лани. Со неа им се преполовени паричните казни на бранителите во постапката за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, откако тие поднесоа жалби. Конечната одлука е за нарушување на редот во судницата, секој од казнетите да плати по 500 евра“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Скопска апелација.
Судијката Добрила Кацарска тогаш ги казни со по илјада евра над 30 адвокати кои ги застапуваа тогаш 33-јцата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за време на организираниот напад во Собранието на 27 април 2017. Во име на Основниот суд Скопје 1 таа тогаш пиша казни во износ од околу 35 илјади евра и ги отстрани практично сите бранители од судницата.
Тие демонстративно излегоа пред судот и во групна изјава ја обвинија Кацарска за кршење на правата на обвинетите, како и на нивните права како адвокати, заканувајќи се дека ќе преземат мерки за нејзината постапка.
На нивно место, Кацарска одреди да бидат ангажирани адвокати по службена должност. Кацарска ги казнила во моментот кога тие се побуниле дека немаат услови за работа во старата зграда на Кривичниот суд, откако беа преместени од големата сала во новата зграда на судот поради технички причини, т.е. поради неможноста да се мутира добро гласот на загрозениот сведок.
Од 33-ца обвинети, по амнестијата останаа 18 обвинети. Измена на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста нема да има, потврди денеска обвинителката Вилма Рускоска. Судењето ќе продолжи кога сите одлуки за (не)амнестираните ќе бидат правосилни, судијката Кацарска рече дека очекува се да биде готово на 31 јануари.
С. К. ДЕЛЕВСКА