Апелациониот суд Скопје ја укина првостепената пресуда за сопственикот на превозникот „Беса Транс“, чиј што автобус изгоре во Бугарија и предметот е вратен на повторно судење. Беким Хаџиу беше неправосилно осуден на една година и осум месеци казна затвор за кривичното дело Фалсификување на исправа..
„Одлуката е укината, жалбите на обвинетиот како физичко и правно лице се уважени. По жалбите и по службена должност пресудата е укината и предметот е вратен на повторно судење“, изјавија од Апелација за државната агенција МИА.
Случајот беше отворен откако автобус на „Беса Транс“ удри во оградата на автопатот „Струма“ кај село бугарското село Боснек во раните утрински часови на 23 ноември 2021 година. Веднаш по ударот автобусот се запали, при што загинаа 45 луѓе, а се спасија седум од патниците.
При изрекување на пресудата на 7 март, судијата Ивица Стефановски кажа дека обвинетиот Беким Хаџиу е виновен затоа што како управител на „Беса Транс“ во повеќе наврати употребил како вистинска лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која што воопшто не била издадена од страна на Министерство за транспорт и врски за тој автобус.
Дополнително, судот го казни Хаџиу со парична казна од 800.000 денари, а фирмата ја казни со забрана за вршење меѓународен превоз во рок од четири години.