Барањето до Инспекторатот за труд од страна на Синдикатот на контролорите на летање, за вонреден инспекциски надзор по интервјуирањето на кандидатите за вработување со средно и на измислените партиски места во М-НАВ, уште шета низ Македонија и не е оформен предмет за него.
Предметот од Скопје некако стасал до Кавадарци, но таму се чека архиварката да се врати од годишен одмор за да го премести од нејзиното биро, на бирото на некој од инспекторите. Откако архиварката ќе се врати, а не се знае кога ќе се врати од одмор, таа ќе го даде за работа, а инспекторот или инспекторката имаат законски рок од 5 дена да одлучат по Барањето.
Барањето за вонреден инспекциски надзор во М-НАВ по последниот оглас за несуштински и измислени вработувања, на кој беа примени: потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, сопругот на директорката на Централен регистер на Македонија, двајцата од ВМРО-ДПМНЕ, сопругата на сега починатиот Игор Југ осуден за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година под водство на ВМРО-ДПМНЕ, е поднесено на 18 јули.
Со претставката се бара утврдување на неправилностите и поништување на огласот. Конкретно неправилностите се во оневозможување на присуство на набљудувач во текот на втората фаза – интервјуата со кандидатите, кои зад затворени врати ги вршеа ексклузивно само тројцата директори на М-НАВ.
Со тоа е скршен членот 16 од Колективниот договор, вели Синдикатот, нарушена е транспарентноста при изборот на кандидатите и е основано сомневање за дискриминација, необјективност и селекција и избор на кандидати по партиска наредба, како што и се случи.
Со образложение дека инспекторите во Трудовиот инспекторат во Скопје се на годишен одмор, предметот е препратен во Трудовиот во Кавадарци, ни рекоа оттаму.
Поминаа десетина дена, па се јавивме во Кавадарци.
„Предметот не е почнат да се работи. Двајца луѓе сме овде, а архиварката се уште не го распоредила предметот. Не знаеме точно кога ќе се врати од одмор. Штом се врати, веднаш ќе се работи“, ни одговорија во Инспекторатот во Кавадарци.
Синдикатот на контролори на летање, сега треба секој ден да проверува во Кавадарци дали се вратила вработената во архива, за да знае откога би почнал да тече рокот за одлучување од 5 дена.
На 10 јули Синдикатот закажа штрајк и затворање на небото за летови. Но, го откажа откако директно од Владата контролорите на летање добија ветување дека сите нивни барања ќе бидат исполнети.
С. К. ДЕЛЕВСКА