Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби му ја подари вратоврската на министерот за надворешни работи Никола Димитров по завршувањето на седницата на која се усвои договорот со Грција. Тој тоа го направи на ист начин како што премиерот Зоран Заев му ја подари својата вратоврска на премиерот на Грција Алексис Ципрас во преспанското село Псарадес (Нивици) веднаш по потпишувањето на договорот од министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас во неделата на 17 јуни.
Денеска текстот на Договорот оди на ратификација на пленарна седница.
Работата на собраниската комисија ја бојкотираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, вели дека му ја подарил вратоврската на Димитров поради постигнатиот успех и успешното завршување на работата во Комисијата за европски прашања.
„Кога се видовме со министерот Димитров вчера наутро, ми ја коментираше вратоврската и ми рече дека му се допаѓа. Му реков дека ќе му ја подарам на крајот од денот кога ќе ја завршиме успешно работата во собраниската Комисија за европски прашања“, вели пратеникот Груби.
„На седницата на Комисијата ја пишувавме историјата. Историски говори, историски одлуки за иднината на нашата земја. По постигнатиот успех, му ја подарив мојата вратоврска на Никола. Заедничките напори нѐ зближија уште повеќе, нѐ сплотија напорите за да обезбедиме сигурна иднина за идните генерации“, изјави Груби по завршувањето на седницата на Комисијата.
Попладнето и премиерот Зоран Заев во интервју на Телевизија Канал 5 објасни дека читал оти Ципрас има изјавено дека нема да стави вратоврска додека не ја извади Грција од економската криза.
„Симболот и пораката беа токму тоа. Јас ја извадив и му ја поклонив за Грција побрзо да се справи со економската криза“, објасни Заев зошто му ја подарил вратоврската на Ципрас во Псарадес (Нивици).
Собраниската Комисија за европски прашања го усвои со десет гласа „за“ договорот со Грција и му предложи на Собранието да го донесе предлог- законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните.
Г.ТРПЕНОСКИ