Скопскиот аеродом вечерва е затворен за сообраќај откако авион на компанијата „Германија“ што требало да полета од Скопскиот аеродром кон Цирих се заглавил во снежен нанос направен од чистење на патеките, дознава неофицијално САКАМДАКАЖАМ.МК од извори на аеродромот. Нема повредени патници ниту членови на екипажот.
Станува збор за авион од типот „ербас А321“ со швајцарска регистрација кој во 20.25 требало да полета за Цирих на летот GM6029, но поради снежните врнежи полетувањето било одложено за околу 23 часот. Според информациите до кои дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, додека приоѓал кон местото за полетување авионот заглавил со носот и со предното тркало во снегот што останал по чистењето.
Во него имало околу 200 патници кои по ударот во снегот и наглото запирање малку дигнале паника.
Пред тоа друг авион за Цирих, но на компанијата „Еделвајс“, воопшто не ни пробал да полета.
Аеродромските служби се обидуваат да го ослободат авионот што е на јужниот дел од пистата и да го оспособат аеродромот за нормален сообраќај.
Во воздухопловството ваков настан не се квалификува како инцидент бидејќи не е загрозена безбедноста на летањето.
Од воздухопловните власти нема официјална потврда на настанот.
Во текот на денот имаше доцнења и откажувања на неколку летови поради обилните врнежи од снег особено во попладневните часови и поради процедурите за одмрзнување на крилата пред полетување.
И владиниот авион кој ја враќаше делегацијата на чело со премиерот Зоран Заев по полчасовно кружење над Скопје мораше да слета во Софија.
А. АНТЕВСКА