Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, кој и во својство на претседавач на ОБСЕ е во Македонија изјави дека од австриска страна нема да има мешање за состав на новата влада, иако не жали оти беше присутен на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања.
„Не зажалив и бев таму како член на европската партија и сметам дека е нормално сестрински партии да се посетат за време на избори“, изјави тој во недела навечер на прес конференција во Скопје што ја одржа заедно со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој е и пратеник во новиот состав на Собранието.
„Македонските политички партии треба да ги донесат одлуките кои што се носат по избори, а од наша страна нема да има мешање во понатамошниот тек на настаните“, изјави шефот на австриската дипломатија и претседавач со ОБСЕ.
Тој истакна дека интересот на Австрија е во Македонија и понатаму да има силен партнер и дека се надева оти земјата ќе ги спроведе потребните реформи и ќе продолжи по патот кон европските интеграции.
„Претходно имаше тешка ситуација, тоа е точно, но изборите беа одржани успешно, беа фер и демократски, тоа е позитивно и треба да се истакне. Нашата цел како Австрија е во Македонија и понатаму да имаме силен партнер, да посакуваме стабилност во оваа држава и да се надеваме дека реформите и европскиот курс на земјата ќе продолжат и понатаму“, рече Курц.
Тој во неделата беше во посета на македонско-грчката граница, а в понеделник е најавено дека ќе ја посети и македонско-српската граница.
Посетата на Курц следи по одлуката на 15 министри на ЕУ минатата недела во Виена, до април да остане затворена Балканската рута за бегалците.