Од страна на австриските власти до Министерството за внатрешни работи е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а истиот е осомничен за планирање терористички напад во Виена, соопшти Министерството за внатрешни работи. Оттаму додаваат дека постапуваат по однос на доставеното барање.
Вчера во Виена беше уапсен 19-годишнииот Мухамед во неговиот дом во градот Терниц во Долна Австрија, каде што се подготвувал терористички напад за време на концертите на Тејлор Свифт во австриската престолнина. При претресот во неговиот дом биле пронајдени хемиски супстанци и технички уреди, кои сега се испитуваат. Тој рекол дека хемикалиите ги украл од својот поранешен работодавач. Тој пред неколку недели објавил видео на ТикТок во кое ѝ дава заклетва на Исламска држава.
Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт требаше во Виена да настапи денеска, утре и в сабота. Концертите вчера беа откажани поради сериозни безбедносни закани, што уследи по апсењето на Мухамед и уште еден австриски државјанин.
Апсењето на 19-годишниот Мухамед по потекло од Македонија, осомничен за планирање терористички напад на концертите на Тејлор Свифт, потсетува на терористичкиот напад од ноември 2020 година, исто така, во Виена, кога 20-годишниот Кујтим Фејзулаи, по потекло од Македонија, уби четворица и повреди уште 23 лица.
Во 2020 година, Фејзулаи беше убиен од полицијата за време на нападот. Австриската полиција кажа дека 20 Фејзулаи, роден во Виена, имал и австриско и македонско државјанство, а родителите му се со потекло од Челопек. Тој никогаш не бил во Македонија. Полицијата кажа и дека бил симпатизер на Исламска држава, кој одлежал неколку месеци затвор во 2019 за обидот да замине да се бори во Сирија. Полицијата потврди дека Фејзулаи предвреме бил пуштен од затвор откако поминал низ процес на дерадикализација.