АВТОБУСОТ НА „БЕСА ТРАНС“ КОЈ ИЗГОРЕ ВО БУГАРИЈА НЕМАЛ ЛИЦЕНЦА ЗА МЕЃУНАРОДЕН ТРАНСПОРТ

    АВТОБУСОТ НА „БЕСА ТРАНС“ КОЈ ИЗГОРЕ ВО БУГАРИЈА НЕМАЛ ЛИЦЕНЦА ЗА МЕЃУНАРОДЕН ТРАНСПОРТКонтролата на превоз на стоки и патници во домашниот и меѓународниот сообраќај е надлежност на Државен инспекторат за транспорт. (Фото: ЕПА)

    Автобусот на превозникот „Беса транс“, кој изгоре ноќеска во Бугарија и притоа загинаа 45 луѓе, немал добиено извод од лиценца за превоз во домашен и меѓународен сообраќај од Министерството за транспорт и врски. Министерот Благој Бочварски вечерва на прес-конференција кажа дека превозникот со седиште во скопско Рашче имал уредна лиценца, но меѓу четирите автобуси заведени во евиденцијата на неговото министерство го нема автобусот кој изгоре ноќеска на автопатот „Струма“ близу Перник. За секое возило поединечно, превозникот треба да има извод од лиценцата, а за секој возач сертификат, појасни Бочварски. Во електронската база на министерството, превозникот има пријавено четири возачи.

    „Во системот на Министерството за транспорт и врски конкретниот превозник е заведен со четири возила кои поседуваат извод од лиценца за превоз. Превозникот може да започне да врши превоз на патници во домашен и меѓународен сообраќај откако ќе добие лиценца и извод од лиценца за моторното возило. По добиените информации од МВР, изгореното возило не било пријавено од превозникот и поради тоа возилото го нема во електронската база на Министерството за транспорт и врски. Превозникот е должен веднаш, а најдоцна до 15 дена да го извести Министерството за транспорт и врски за промени со пријавување и одјавување на возило или возач“, изјави Бочварски.

    Тој додаде дека контролата на превоз на стоки и патници во домашниот и меѓународниот сообраќај е надлежност на Државен инспекторат за транспорт, а по предлог на инспекторатот, Министерството за транспорт и врски може да ја одземе лиценцата на превозникот. Кажа и дека е отпочната постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот.

    Одговарајќи на новинарско прашање, Бочварски кажа дека автобусот секако требало да биде исконтролиран при излегување од државата и да му бидат побарани сите документи и ако не ги поседува требало да биде запрен.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на истата прес-конференција кажа дека последната извршена проверка на техничката исправност на автобусот е направена на 5 октомври годинава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира