Се бара решение за проблемот со закажани термини во јавното здравство, на кои не се појавуваат пациенти, изјави денеска замени- министерот за здравство Јовица Андовски.
Тој апелираше до граѓаните, доколку имаат закажан термин, а не можат да го искористат, барем последниот ден со смс порака или преку докторот, да го откажат терминот. На тој начин ќе остават место пациентите на кои навистина им треба дијагностичка процедура да ја завршат и да нема големи листи на чекање. Од „Мој термин“ се праќаат пораки до граѓани и ги потсетуваат, и според Андовски, дури и последниот ден да се откаже терминот, таму се организирани, може веднаш да го ослободат терминот.
„Ги следиме податоците на закажани термини и на искористени термини. Навистина се јавува еден доста голем проблем. Ние сме во постојана координација и со ‘Мој термин’ и со Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Разговараме за да изнајдеме идејно решение како тоа би се надминало“, кажа Андовски.
Според него, неоткажувањето на термини претставува доста голем проблем затоа што им се зема редот на оние граѓани на коишто навистина им треба дијагностичка процедура.
На пример, изминатиот период, во Скопје за компјутерска томографија, од 4.070 закажани термини, 970 не дошле.
„Тоа се над 23 проценти од пациентите, кои без откажување не се појавиле на тој термин“додаде тој.
Андовски рече дека се прават анализи и дека во многу земји тоа се решава на повеќе начини.
„Само треба да се решиме на кој начин тоа ќе се направи“, одговори Андовски на новинарско прашање.
Во некои земји, двапати ако се откаже терминот, следува одредена парична казна или пак нема да може да закаже редовен термин за одреден временски период.
„Ние не би сакале да одиме со такви реперкусии. Првин ќе апелираме, ќе видиме, ќе разговараме и со докторите, ќе разговарме и преку здруженијата на пациентите, ќе апелираме. Тоа е последно што може да направиме“, кажа заменик-министерот за здравство.