БАШАНОВИЌ УРГИРАЛ КАЈ ЗАЕВ ДА НЕ ОДАМ ВО ПРИТВОР, ТВРДИ ОБВИНЕТАТА ЈАСНА МАНДИЌ НА „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“

    БАШАНОВИЌ УРГИРАЛ КАЈ ЗАЕВ ДА НЕ ОДАМ ВО ПРИТВОР, ТВРДИ ОБВИНЕТАТА ЈАСНА МАНДИЌ НА „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“Од спроведувањето на обвинетата Јасна Мандиќ на распит во Кривичниот суд во октомври 2019 година. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетата во случајот „Меѓународен сојуз” Јасна Мандиќ на денешното судско рочиште на кое обвинителството читаше вибер-комуникација од нејзиниот телефон, за една од нив кажа дека не е нејзина, туку препратена комуникација од премиерот Зоран Заев и од поранешниот негов советник Зоран Башановиќ, кој наводно брка врски за неа да не оди во притвор.

    Обвинителката Милица Гаврилова немаше коментар.

    Откако според вибер-комуникацијата, едното лице (според Мандиќ, Башановиќ) му вика на другото (според неа, Заев) да види ако може Јасна да не оди во притвор, наводниот Заев му вели:

    „Знаеш дека тоа зависи од обвинителството и од судот. Ќе видам што можам да направам”.

    Тогаш, за разлика од првообвинетиот во „Меѓународен сојуз” Бојан Јовановски-Боки 13, Мандиќ доби куќен притвор.

    Обвинителката Вилма Русковска тогаш појасни дека ваквата мерка за Мандиќ е поради тоа дека има дете со здравствени проблеми.

    За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ.

    Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз”.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира