БЕГАЛКА ОД АВГАНИСТАН РОДИ ЗДРАВО МАШКО БЕБЕ НА СКОПСКАТА ГИНЕКОЛОШКА КЛИНИКА

    БЕГАЛКА ОД АВГАНИСТАН РОДИ ЗДРАВО МАШКО БЕБЕ НА СКОПСКАТА ГИНЕКОЛОШКА КЛИНИКАЕкипи на Итната медицинска помош синоќа ја згрижијаја трудница, која денес се породи на Клиниката за гинекологија. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Жената од Авганистан, која синоќа прва слезе на Скопскиот аеродром со првата група евакуирани бегалци, денес се породи со здраво машко бебе на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката Викторија Јовановска.

    „Жената спонтано се породи, второротка е, бебето се роди со тежина од 3.100 килограми. И мајката и бебето се во добра состојба“, вели директорката.

    Првата група од 149 граѓани на Авганистан синоќа пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје. Станува збор за вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“ каде што Северна Македонија е официјално членка, како и вработени и соработници на „Транспаренси интернешнал“ , „Светски економски форум“ и други меѓународни организации.

    „Синоќа беше укажана помош на жена која колабирала при слегување од авионот и таа е во стабилна состојба и се чувствува добро. Во текот на наредните денови заедно со ПЦР тестовите ќе се направат и прегледите за проценка на здравствената состојба на граѓаните од Авганистан. Планирани се интернистички прегледи за повозрасните и педијатриски преглед за децата. Министерството за здравство ќе обезбеди ПЦР тест и можност за вакцина“, соопшти Владата.

    Владата вели дека од моментот на пристигнувањето, тимови на Министерствата за здравство и внатрешни работи и екипи на Црвениот крст се постојано ангажирани за да им помогнат на овие граѓани, кои беа животно загрозени од талибанските структури.

    Волонтери на Црвениот крст им поделија пакети со вода, заштитна маски, средство за дезинфекција, основни хигиенски производи, облека како и флаери за ковид мерките во нашата држава. Во хотелот им биле дистрибуирани пакети за добредојде со дополнителни количини маски, средства за дезинфекција, инфо материјали за градот Скопје, мапа на град Скопје, евидентни листови за посебни барања во однос на здравствената состојба, картички со телефони на Црвениот крст за итни состојби и кутија локум.

    Црвениот крст во хотелот има 30 дежурни лица, волонтери организирани во три смени кои се на располагање на граѓаните. Учествуваат во подготовка на детско катче, подготовка на инфо катче со 10 лаптопи и интернет пристап. Тие ќе се грижат за дистрибуција на дополнителни средства за хигиена, облека, обувки. Ќе бидат вклучени во активности за спојување на семејствата, и за да пружат медицинска заштита во однос на лекови за хронична терапија. По барање и потреба на граѓаните на располагање има и психолог.

    Бегалците ќе биде сместени во хотели во Скопје и околината со виза од 90 дена, а трошоците за нив ќе ги покриваат меѓународните организации кои изминатиот период беа присутни во Авганистан и се вклучени во организација на евакуацијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира