ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БЕКИМ САЛИ ЈА ПРЕТСТАВУВА МАКЕДОНИЈА НА СОБИРОТ НА ЕВРОПСКИ ЛИДЕРИ КАЈ МАКРОН ЗА ДЕНОТ НА БАСТИЛЈА

    ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БЕКИМ САЛИ ЈА ПРЕТСТАВУВА МАКЕДОНИЈА НА СОБИРОТ НА ЕВРОПСКИ ЛИДЕРИ КАЈ МАКРОН ЗА ДЕНОТ НА БАСТИЛЈАПокрај домаќинот, францускиот претседател Емануел Макрон, на настаните учествуваат околу триесетина европски лидери, меѓу кои и британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и полскиот премиер Доналд Туск. (Фото: Кабинет на францускиот претседател)

    Министерот за европски прашања и вицепремиер, Беким Сали, ја претставува Македонија на официјалните манифестации во Париз со кои Франција го одбележува својот национален празник, 14 Јули – Денот на Бастилја. Покрај домаќинот, францускиот претседател Емануел Макрон, на настаните учествуваат околу триесетина европски лидери, меѓу кои и британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и полскиот премиер Доналд Туск.

    Како што соопштија од неговиот кабинет, во текот на посетата, Сали ќе се вклучи во состанокот на Коалицијата на волонтерите, каде главни теми на разговор меѓу лидерите ќе бидат натамошната поддршка за Украина, усогласувањето на активностите за зајакнување на европската безбедност и моменталните безбедносни предизвици на континентот. Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва организира официјална вечера во Елисејската палата за шефовите на држави и влади од партнерските земји, на која ќе присуствува и македонскиот министер.

    Сали утре ќе ја следи и традиционалната воена парада која годинава се одржува под мотото Стратешкото будење на Европа, со цел да се прикаже заедничката посветеност кон мирот, стабилноста и посилната соработка на континентот.

    Пред две години, претседателката Сиљановска Давкова не присуствуваше на отворањето на Олимпијадата во Париз, иако беше поканета од Макрон. Тогаш, таа кажа дека не отишла затоа што добила писмо од професори на ПМФ да им помогне да можат нашите натпреварувачи пристојно да учествуваат на олимпијадите по математика и по физика.

    Истата година, претседателката не отиде ниту на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам, каде што беа собрани светските лидери, поради дефект на владиниот авион, како што соопштија тогаш од нејзиниот кабинет.

    Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера беше на Галичка свадба и на отворањето на Охридско лето, а премиерот Христијан Мицкоски денеска е во парламентот за гласањето за реконструкција на Владата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира