Од денес до 27 ноември, под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“, се одржува Европската недела на тестирање за ХИВ. Здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување вели дека во фокусот на годинешната кампања е еден малку познат факт за ХИВ кај нас: Н = Н, недетектабилно е еднакво на непреносливо. Тоа значи дека луѓето кои живеат со ХИВ и редовно примаат терапија, имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта. Односно, дека вирусот во крвта се намалил до степен што не може да се детектира, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и кога не се користи заштита (кондом). Така, самата терапија за ХИВ, велат од ХЕРА всушност, претставува еден од најефективните начини на превенција на ХИВ.
„Токму ова е главната порака, што до граѓаните ќе ја доближиме преку кампањата на социјалните медиуми и преку видео. Со цел да го направиме тестирањето за ХИВ кај нас подостапно и да ги храбриме граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус, Младинскиотцентар на ХЕРА ‘Сакам да знам’ на Водно ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, секој работен ден од 16:30 до 20:30 часот и за време на викендот од 11до 15 часот. За подетални информации и за закажување, можат да сејават на телефонскиот број 02/3176 95“, велат од Здружението.
Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат согласно интерниот протокол на ХЕРА за закажување, прием и нудење на услуги на клиенти за време на здравствена криза со ковид-19.
Според ХЕРА, денес се проценува дека од вкупниот број на луѓе кои живеат со ХИВ во државата, секој трет не е свесен дека е ХИВ-позитивен. За граѓаните е достапна и мобилната андроид апликација „Направи ХИВтест“ преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ.