Под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“ вчера почна Европската недела на тестирање за ХИВ која ќе трае до крајот на месецот. Тестирањето се врши во младинскиот центар на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА „Сакам да знам“ на Водно, каде е биде достапно бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови од 17.00 до 21.00 часот.
ХЕРА по петти пат се вклучува во одбележување на Европската недела на тестирање за ХИВ, а таа е една од 600 организации од 53 земји кои спроведуваат активности за подигање на јавната свест за придобивките од навремено тестирање.
„Се претпоставува дека денес секое четврто лице во Европа кое има ХИВ, не го знае својот ХИВ-позитивен статус. Половина од луѓето што живеат со ХИВ се дијагностицирани доцна, со што се доцни со пристапот до терапија, грижа и поддршка. Терапијата за ХИВ која е денес достапна, им овозможува луѓето со ХИВ да живеат квалитетно и долго доколку се дијагностицирани навремено. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, ако навреме добијат третман. Редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи луѓето кои редовно примаат терапија, имаат недетектибилно ниво на вирусот, со што целосно се спречува преносот за ХИВ по сексуален начин, дури и ако не се користи заштита, односно кондом“, велат од ХЕРА, од каде ги охрабруваат граѓаните да направат ХИВ тест.