„БЕТОН ШТИП“, ШТО ГРАДЕШЕ 7 ОБЈЕКТИ ОД „СКОПЈЕ 2014“ ЗА 55 МИЛИОНИ ЕВРА, ДВА МЕСЕЦА НЕ ДЕЛИ ПЛАТИ

    „БЕТОН ШТИП“, ШТО ГРАДЕШЕ 7 ОБЈЕКТИ ОД „СКОПЈЕ 2014“ ЗА 55 МИЛИОНИ ЕВРА, ДВА МЕСЕЦА НЕ ДЕЛИ ПЛАТИОд вкупно потрошени 42 милиони евра на зградата на Археолошки музеј во која се сместени и Државниот архив и Уставниот суд , „Бетон Штип“ добил 9 милиони евра. (Фото: СДК.МК)

    Речиси 200 градежни работници на Бетон Штип, еден од најголемите изведувачи во проектот „Скопје 2014“, два месеца не добиле плата и во ек на градежната сезона се пратени дома. На градежниците им било кажано дека ќе бидат известени кога ќе бидат вратени на работа и дека ќе добијат плата, но било побарано од нив да не креваат тензии и да не штрајкуваат.

    Во меѓувреме, дел од работниците отишле во странство, а дел за да ја искористат градежната сезона почнале да работат во други градежни фирми, па сега е неизвесен вкупниот број на вработените во „Бетон Штип“. Заминувањето на работниците се зголемило откако се појавија гласини дека фирмата веќе е под стечај. Но, од Основниот суд Штип велат дека стечајна постапка за „Бетон Штип“ досега не е покрената.

    „Стечајна постапка за ‘Бетон’ до денес не е покрената во Основниот суд во Штип каде е седиштето на фирмата, ниту било поднесено некакво барање за тоа. Од тие причини не може да се каже кои се причините за евентуалниот стечај. Сè ќе биде познато ако официјално се добие барање за поведување стечајна постапка“, вели портпаролот на судот, судијата Сашко Георгиев.

    Во архивата на Централниот регистар на Македонија засега единствено е евидентиран стечајот на „Бетон Радовиш“.

    Според истражувањето на БИРН, „Бетон Штип“ има работено како изведувач на седум објекти од проектот „Скопје 2014“ за вкупна вредност од 55 милиони евра. Најголеми договори има склучено со државата за ФИНКИ – 12.804.035 евра, МЕПСО – 10.579.065 евра и за заедничката зграда на Уставен суд, Државен архив и Археолошки музеј – 9.064.807 евра.

    „Бетон Штип“ е замешан во предметот на СЈО „Тендери“ против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, која е обвинета за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања за местење тендер.

    Според воведните зборови на СЈО на судењето, поранешниот генерален директор на „Бетон Штип“ Илија Бреслиски во улога на сведок тврди дека обвинетата Канческа – Милевска како министерка за култура во 2011 година му кажала градежната компанија да ги изведе сите градежни работи пред Музејот на ВМРО и да не го чека тендерот, бидејќи средила да го добие неговата компанија.

    Зградата на „Бетон Штип“, во која најгорниот кат е на градежната фирма, а во останатите катови се сместени други фирми, а од лани има и канцеларии на конзуларни преставништва. (Фото: СДК.МК)

    Според последниот сертификат изготвен од брокерска куќа, објавен на веб страницата на градежната фирма, во сопственичката структура се компаниите ТИМ ДОО Скопје со 8.150 акции и со право на глас од 19, 50%, Орка Холдинг АД Скопје со 7.101 акција и со право на глас од 16, 99%, Езимит ДООЕЛ Штип со 6.611 акции и со право на глас од 15. 81%, ДПТИ Ексико ДООЕЛ Скопје со 6.000 акции и право на глас од 14, 35%.

    Членови на одборот на директори се сопственикот на Винаријата „Езимит“ Зоранчо Митровски од Штип како претседател и извршните членови Ванчо Мијалчев градоначалник на Пробиштип од 1996-2000 година, генерален директор на Злетовица од 2001-2003 година и претседател на одборот на директори при рудниците Злетово од 2000-2002 година.

    Извршни членови се охриѓанецот Цветан Панделески, кој бил во одборот на директори во ЗК „Пелагонија“ во Битола, акционер во „Лозар Пелистерка“ АД Скопје и во „Стопанска банка Битола“, и Валентина Димовска, директор за технички прашања на Клиничката болница Систина од 2012 година.

    Не е познато дали во меѓувреме има измени во сопственичката структура на „Бетон Штип“, затоа што никој од раководството не сака да зборува за новонастанатата ситуација. Работниците се во неизвесност и како што велат засега нема кој да ги организира на штрајк, но затоа пак заради обезбедување на егзистенција дел од нив решиле да се префрлат во други градежни фирми, а дел да работат на црно во земјата или странство.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира