„БЕТОН ШТИП“ ВО СТЕЧАЈ, ПРЕСТАНА ГРАДБАТА НА ОФИЦЕРСКИ ДОМ И ХОТЕЛОТ НА ПЛОШТАД, ФИНКИ И КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ШТИП

    „БЕТОН ШТИП“ ВО СТЕЧАЈ, ПРЕСТАНА ГРАДБАТА НА ОФИЦЕРСКИ ДОМ И ХОТЕЛОТ НА ПЛОШТАД, ФИНКИ И КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ШТИПВо прекин на изградба се и објектите што ГП Бетон АД Штип почна да ги гради и во Скопје некои дел од проектот „Скопје 2014“. - Офицерскиот дом во Скопје (Фото: К. Попов) 

    По едногодишната најава, ГП „Бетон“ АД Штип, кое во изминатиов период беше предмет на истрага на СЈО, конечно од вчера е под стечај. Поради основен долг само кон три компании-побарувачи од Северна Македонија, судијата Маја Џорлева вчера донесе одлука за „Бетон“ Штип да се отвори стечајна постапка. Првичните побарувања само од три фирми кои биле предлагачи за отворање на стечајна постапка, изнесуваат 76, 7 милиони денари.

    По изјавата на портпаролот на Основниот суд во Штип Јулијана Недкова дека судската одлука за стечај на „Бетон“ ќе биде објавена во Службен весник и на огласните табли во судот, како и по објавата во два весника од страна на назначениот стечаен управник Драги Димовски, бројот на побарувачите и вкупниот долг на „Бетон“ се очекува значително да се зголеми, најмногу од вработените кои побаруваат неисплатени плати.

    Поради ваквата состојба на контроверзната градежна компанија, градежните активности што оваа фирма ги почна, в еќе неколку месеци стагнираат, а на некои објект се и целосно запрени. Тоа важи и за изградбата на Клиничката болница во Штип која требаше да биде готова пред две години. Но, поради новонастанатата состојба грчката градежна фирма „Интеракт“ која беше изведувач на работите, лани го прекина договорот со Бетон.

    При денешната посета на новата Клиничката болница во изградба во Штип наидовме на запрени кранови и на мирна тишина кај објектот кој се гради во кругот на постојната болница во Штип. Последните градежни активности престанале при поставувањето на прозорците и вратите на половина од објекот. Од некои простории продираа гласови на работници но не можеше да се утврди дали тие нешто работат на објектот или го обезбедуваат.

    Во меѓувреме, дел од работниците отишле во странство, а дел за да ја искористат градежната сезона почнале да работат во други градежни фирми па сега е неизвесен вкупниот број на вработените во „Бетон“ Штип. Заминувањето на работници се зголемило уште кога се појавија првичните гласини дека фирмата ќе оди под стечај.

    Директорот на Клиничката Болница во Штип Ален Георгеив вели дека целата ингеренција околу натамошната изградба на Клиничката болница е во рацете на Министерството за здравство. Ова министерство уште во 2016 година утврди инвестициона вредност на новиот објект во висина од 56 милиони евра, а по неколкуте пролонгирања на последната прес-конференција министерот за здравство Филипче најави нов рок дека новата Клиника во Штип ќе биде изградена до крајот на 2020 година.

    Во прекин на изградба се и објектите што ГП Бетон АД Штип почна да ги гради и во Скопје некои дел од проектот 2014 година. „Бетон“ ја запре изградбата на Офицерскиот дом и на хотелот до Офицерскиот дом, како и зградата на ФИНКИ.

    Според истражувањето на БИРН, „Бетон Штип“ има работено како изведувач на седум објекти од проектот „Скопје 2014“ за вкупна вредност од 55 милиони евра. Најголеми договори има склучено со државата за ФИНКИ – 12.804.035 евра, МЕПСО – 10.579.065 евра и за заедничката зграда на Уставен суд, Државен архив и Археолошки музеј – 9.064.807 евра.

    „Бетон Штип“ е замешан во предметот на СЈО „Тендери“ против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, која е обвинета за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања за местење тендер.

    Според воведните зборови на СЈО на судењето, поранешниот генерален директор на „Бетон Штип“ Илија Бреслиски во улога на сведок тврди дека обвинетата Канческа – Милевска како министерка за култура во 2011 година му кажала градежната компанија да ги изведе сите градежни работи пред Музејот на ВМРО и да не го чека тендерот, бидејќи средила да го добие неговата компанија.

    Според последниот сертификат изготвен од брокерска куќа, објавен на веб страницата на градежната фирма, во сопственичката структура се компаниите ТИМ ДОО Скопје со 8.150 акции и со право на глас од 19, 50%, Орка Холдинг АД Скопје со 7.101 акција и со право на глас од 16, 99%, Езимит ДООЕЛ Штип со 6.611 акции и со право на глас од 15. 81%, ДПТИ Ексико ДООЕЛ Скопје со 6.000 акции и право на глас од 14, 35%.

    Членови на одборот на директори се сопственикот на Винаријата „Езимит“ Зоранчо Митровски од Штип како претседател и извршните членови Ванчо Мијалчев градоначалник на Пробиштип од 1996-2000 година, генерален директор на Злетовица од 2001-2003 година и претседател на одборот на директори при рудниците Злетово од 2000-2002 година.

    Извршни членови се охриѓанецот Цветан Панделески, кој бил во одборот на директори во ЗК „Пелагонија“ во Битола, акционер во „Лозар Пелистерка“ АД Скопје и во „Стопанска банка Битола“, и Валентина Димовска, директор за технички прашања на Клиничката болница Систина од 2012 година.

    Не е познато дали во меѓувреме има измени во сопственичката структура на „Бетон Штип“, затоа што никој од раководството не сака да зборува за новонастанатата ситуација. Работниците се во неизвесност и како што велат засега нема кој да ги организира на штрајк, но затоа пак заради обезбедување на егзистенција дел од нив решиле да се префрлат во други градежни фирми, а дел да работат на црно во земјата или странство.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира