БЕЗ ЕУ ЌЕ БИДЕ ТЕШКО ДА ЈА ЗАДРЖИТЕ СТАБИЛНОСТА НА ДЕНАРОТ, КАЖА ПЕТЕР ОД ЕВН – НАРОДНА БАНКА ВЕЛИ НЕМА ПОТРЕБА ОД ДЕБАТА ЗА ДЕВАЛВАЦИЈА

    БЕЗ ЕУ ЌЕ БИДЕ ТЕШКО ДА ЈА ЗАДРЖИТЕ СТАБИЛНОСТА НА ДЕНАРОТ, КАЖА ПЕТЕР ОД ЕВН – НАРОДНА БАНКА ВЕЛИ НЕМА ПОТРЕБА ОД ДЕБАТА ЗА ДЕВАЛВАЦИЈАПретседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора Штефан Петер; Гувернерката на НБРМ Анита Бежоска (Фото: МИА/СДК.МК)

    Претседателот на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“ Штефан Петер, кој истовремено е претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, вели дека ќе биде тешко да се задржи стабилноста на македонскиот денар ако не успее референдумот в недела. Тој предупреди и на други опасности за македонската економија ако земјата остане надвор од ЕУ, зборувајќи на вчерашната прес-конференција на Стопанската комора.

    „Ако ѝ кажете ’не‘ на ЕУ, ќе биде тешко да ја задржите стабилноста на македонскиот денар, што ќе предизвика дополнителен притисок врз банкарскиот сектор. Увозот и извозот ќе се намалат. Домашните компании ќе ја загубат конкурентноста. Ќе се намалат и странските директни инвестиции“, кажа Петер.

    Тој вели дека в недела е важно да се излезе на гласање и активно да се учествува во демократијата.

    „Немојте да бидете себични и да размислувате само за себе, туку размислете и за последиците од вашиот глас за иднината. Оној што не гласал го губи правото да се жали“, изјави Петер.

    Народната банка денеска реагираше дека „тековниот контекст во државата воопшто не треба да се поврзува со стабилноста на домашната валута, ниту на домашниот банкарски систем“. Според НБРМ, домашната валута и домашниот банкарски сектор се исклучително здрави и отпорни и не постојат рационални причини за разнишување на довербата

    „Стабилноста на домашната валута е клучното сидро за одржување и на ценовната и на финансиската стабилност. Не постојат причини, ниту пак каква било потреба да се отвораат дебати за евентуална девалвација на денарот. Во економијата не постојат нерамнотежи коишто би можеле да создаваат притисок врз домашната валута, ниту пак има индиции за отстапувања на курсот од неговото оптимално ниво“, велат од НБРМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира