Дали Алијансата за Албанците ќе остане во Владата, според премиерот Зоран Заев не зависи само од него, туку и од лидерот на оваа партија Зијадин Села, како и од другите коалициски партнери. На денешниот самит Македонија 2025, тој кажа дека не разговарал со лидерот на ДПА Мендух Тачи, за оваа партија да влезе во владината коалиција.
„Не сме разговарале ниту со пратеникот Чедомир Саздовски за мнозинство во парламентот, и не би сакал да ги форсирам процесите неприродно. Но, знам дека имаме и мнозинство без Села. Сепак поборник сум тоа мнозинство да биде колку што е можно посилно. Македонија е исправена пред сериозни одлуки и треба да ги засукаме ракавите и да работиме, а со поголемо мнозинство тоа би било поуспешно“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање, дали ќе има мнозинство ако Села излезе од Владата.
Договор за именување нови владини функционери и директори, чии места се испразнети поради локалните избори, според Заев треба да има претстојниот викенд.
„Очекувам овие денови прашината да легне. Сега има малку подзапалени политички глави во нашата држава. Се надевам во мирна атмосфера, некаде викендов, да ги отвориме процесите како понатаму, заради тоа што имаме неколку испразнети места во Владата, министер, заменик министер, неколку директори“, рече Заев.