Успехот на републиката се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им нуди еднакви шанси за напредок на сите. Токму ова право е загрозено од корупцијата и од непотизмот коишто, изминативе години и децении, создадоа двојни стандарди, го нарушија владеењето на правото и го поткопаа општото добро. Но, и од долгогодишните неправедни блокади на нашите европски и евроатлантски интеграции коишто ја исцрпуваа државата, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 2 Август во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.
Меморијалниот центар во Пелинце е во чест на историското Прво заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ одржано на 2 август 1944 во манастирот „Прохор Пчињски“, каде што е создадена современата Република Македонија, а Методија Андонов-Ченто стана нејзин прв премиер.
Претседателката Сиљановска-Давкова кажа дека на 2 Август 1944, пред 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи. Асномските документи, како што посочи, пулсираат со европските прогресивни идеали и се повикуваат на правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите. И денес, рече претседателката Сиљановска Давкова, нашата независна република е компатибилна со проектот за обединета Европа бидејќи во нашите асномски темели се препознаваат напредните европски вредности.
„Ќе зборувам како партизанска ќерка. Илинден е ден на светлината и на слободата. На овој празник над празниците се потсетуваме на двете етапи на вековната македонска борба за слобода и за државност. На овој ден над деновите се сеќаваме на двете илинденски поколенија – на Гоце Делчев и на Кузман Јосифовски-Питу, на Никола Карев и на Методија Андонов-Ченто. А таа силна врска меѓу двете етапи и двете генерации најдобро ја изрази Панко Брашнаров, живиот сведок на двата Илиндени. Пред 80 години, во манастирот ‘Св. Прохор Пчински’, тој со треперлив глас, како мојов, воскликна дека по вековните борби и жртви ‘Се роди нова, светла и слободна македонска држава’“, рече претседателката.
Покрај освртот за историјата, Сиљановска-Давкова во говорот фокус даде на младите, дека секоја генерација има право и должност да го обнови духот на републиката и да го усогласи со новите околности и новите можности.
„Битката за младите е битка за четвртата македонска република. Битката за најдобрите и на најталентираните е битка за четвртата македонска република. Битката за знаењето наспроти незнаењето, за извонредноста наспроти просечноста, за креативноста наспроти деструктивноста, е битка за четвртата македонска република. Битката за заштита на нашите шуми, на животите и имотите на нашите граѓани од огнените стихии, е битка за четвртата македонска република.Оваа битка ќе ја добиеме само со европеизација на државата, со владеење на правото, со борба против корупцијата, со ефикасни институции, со компетитивна економија, со демократски вредности и демократска политичка култура, со човекови права и слободи, конечно, со функционални системи што ќе можат да се справат со пожарите, поплавите и другите елементарни непогоди. За да ја добиеме оваа битка, мора да ги вклучиме младите во секоја етапа на носење одлуки што се однесуваат на нив и на нивната иднина. Ние не смееме да носиме одлуки за младите без младите“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа повика да ги оставиме на страна поделбите и караниците, тесните партиски и лични интереси, и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
„Преку таа жртва, ние всушност ќе учествуваме во создавањето на новата, четврта македонска република. Таа република мора да биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите. Грижлива бидејќи најдобрите, најуспешните се предуслов за нашиот успех. Републиката мора да биде инклузивна бидејќи нашата сила е во нашата различност, етничка, верска, јазична, генерациска. Инклузивноста не трпи поделби и предрасуди. Четвртата македонска република мора да биде и солидарна бидејќи грижата за сиромашните, ранливите и маргинализираните е аршинот за мерење на вистинската вредност на општеството. И, конечно, таа република мора да биде праведна бидејќи правдата е врската меѓу граѓанинот и државата“, рече претседателката.
Таа рече дека на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, сѐ уште се соочуваме со непринципиелни услови што постојано се менуваат.
„Но, знаеме дека меѓу земјите-членки имаме многу пријатели коишто се застапуваат за нас и ја будат европската совест кон случајот со нашето маратонско интегрирање. Ние мора да им помогнеме со тоа што нема да отстапиме од зацртаниот европски пат. Тоа е и нашиот пат. Македонските институции се подготвени за европските реформи. Но, од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите. Нашето место беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.
Б. НЕСТОРОСКА