Шар Планина е блиску до прогласување за национален парк, вели министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и додава дека работат со некои од инвеститорите на мали хидроелектрани да видат дали можат да дојдат до договор да не се изградат дел од веќе одобрените зафати. Според Нуредини, ако веќе се планираат хидроелектрани, тие да бидат поголеми, бидејќи жртвувањето на дел од природата треба да донесе корист креирајќи енергетска сигурност.
„Ние работиме на прогласувањето на Шар Планина за национален парк и сме блиску до исполнувањето на таа цел. Имаме малку спротивставени ставови со установите кои ги управуваат ловиштата и шумите, но верувам дека ќе најдеме заедничко разбирање за значењето на прогласувањето на ова природно богатство како национален парк. Исто така работиме со некои од инвеститорите на малите хидроелектрани за да видиме дали можеме да дојдеме до договор да не се изградат дел од веќе одобрените зафати. Мислам дека ако веќе планираме да имаме хидроелектрани, тие треба да бидат од одредена големина, како Чебрен, кога жртвувањето на дел од природата ќе ни донесе корист во генерирање на чиста енергија, креирајќи енергетска сигурност и ќе не направи помалку зависни од РЕК Битола“, изјави Нуредини во интервју за државната агенција МИА.
За РЕК Битола, која користи јаглен, Нуредини вели дека уште долго ќе бидеме зависни од нашата најголема термоелектрана и затоа ЕСМ треба да инвестира во филтри и во процесот на десулфуризација.
„Мораме да прифатиме дека ние како земја сме многу зависни од РЕК Битола и така ќе биде во догледна иднина. Затоа јас веќе побарав и ЕСМ се заложи да инвестира во филтри и да почне да го спроведува процесот на десулфуризација. Во меѓувреме мораме да ги интензивираме нашите инвестиции во секторот на обновливи извори на енергија. Од една страна велиме дека треба да ги загреваме домовите со инвертори, кои се поенергетски ефикасни, но истовремено консумираме електрична енергија генерирана од термоелектрана на јаглен. Сепак, како земја, увезуваме околу 30% од енергијата која ја трошиме, така што врз основа на тоа знаеме дека РЕК ќе работи со максимален капацитет, додека не ги развиеме обновливите извори“, вели Нуредини.
Освен прогласувањето на Шар Планина за национален парк, Нуредини кажа и дека се во финален стадиум на прогласување и на Осоговските Планини за заштитено подрачје, а ја завршуваат и валоризацијата на Матка. Истовремено, вели тој, работат на репрогласување на националниот парк Маврово.
Идејата за прогласување на Шар Планина за национален парк е стара повеќе од 20 години. На Шар Планина има 37 глацијални езера од кои 25 се на македонската страна, а останатите на страната од Косово. Посебно е важен импресивниот биодиверзитет, каде има 200 ендемични видови растенија, 167 видови пеперутки, 12 од вкупно 15 видови водоземци, 18 видови влекачи, 130 видови птици и 45 видови цицачи што е речиси половина од вкупниот број видови цицачи кои ги има на територијата на Македонија.