БЛОКАДИТЕ ШТО РАДЕВ ГИ ПРЕЗЕМА ВО ИМЕ НА БУГАРИЈА СЕ НАВРЕДА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    БЛОКАДИТЕ ШТО РАДЕВ ГИ ПРЕЗЕМА ВО ИМЕ НА БУГАРИЈА СЕ НАВРЕДА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ, ВЕЛИ ЗАЕВЗаев кажа и дека Радев не ги разбрал пораките на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев вели дека македонските граѓани се разочарани од блокадата што доаѓа од Бугарија, но и навредени од чекорите и блокадите што ги преземе бугарскиот претседател Румен Радев во име на бугарската држава.

    Заев кажа и дека Радев не ги разбрал пораките на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.

    „За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија. Пораките од претседателот Макрон и канцеларката Меркел се јасни – за решенијата треба поглед напред, кон иднината, а не копање во минатото. Но за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбрал таа порака. Чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ, со целата своја мирољубивост, не може да ги оправда блокадите. Мојот народ мене ми даде мандат да создавам решенија, но не ми дал мандат да оправдувам политики од минатиот век. До сега, не постои земја членка на ЕУ која има какви било забелешки за нашите реформи“, изјави Заев на крајот од Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Словенија.

    На Самитот беше и Радев, кој кажа дека неговите сонародници подлежат на суптилна асимилација во Македонија, со текот на годините се потиснувани и нивните основни права и не се интегрирани целосно и поради тоа не можат да кажат „да“ за почеток на преговори на ЕУ со Македонија.

    Радев побара „да се искорени јазикот на омразата, толкувањето за Бугарија од учебниците, спомениците и од државната политика“, а бара и Македонците со бугарски пасош да бидат пишани како Бугари на пописот во Македонија.

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира