БОЈАН ХРИСТОВСКИ Е ЧЕСЕН ЧОВЕК, АПСОЛУТНО СУМ СИГУРЕН ДЕКА СЀ Е ПО ЗАКОН, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ОТКАКО БУГАРСКИ „ФАКТОР“ ОБЈАВИ ДЕКА ИМА ФАЛСИФИКАТ ДИПЛОМА ПО АНГЛИСКИ ЈАЗИК

    БОЈАН ХРИСТОВСКИ Е ЧЕСЕН ЧОВЕК, АПСОЛУТНО СУМ СИГУРЕН ДЕКА СЀ Е ПО ЗАКОН, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ОТКАКО БУГАРСКИ „ФАКТОР“ ОБЈАВИ ДЕКА ИМА ФАЛСИФИКАТ ДИПЛОМА ПО АНГЛИСКИ ЈАЗИКМицкоски на новинарско прашање дали ќе побара одговорност од Христовски, рече дека согласно закон сите услови се исполнети за неговото именување. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Христијан Мицкоски е длабоко уверен дека директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски има оригинален документ дека положил тест ТОЕФЛ за англиски јазик и смета дека е чесен човек кој ја сака и работи за татковината. Бугарскиот портал ФАКТОР. БГ  објави дека Христовски, кој на функцијата беше назначен на 16 октомври, во официјалната биографија навел дека ТОЕФЛ положил  во Пловдив, Бугарија, но на адресата која тој ја посочил не постои школа за изучување јазици.

    На прес-конференција по денешното потпишување на договорот од првата транша од проектот 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините, Мицкоски на новинарско прашање дали ќе побара одговорност од Христовски, рече дека согласно закон сите услови се исполнети за неговото именување.

    „Доколку тоа го констатира соодветна институција, а не опозициската СДСМ и исплашените поранешни разузнавачи кои би рекол овие агенции за национална безбедност ги претворија во тврдини во борба против опозицијата во времето кога ние бевме опозиција, тогаш да. Секако дека нема да биде притисокот кој доаѓа од овие кодошко-удбашки инсталации во редовите на СДСМ, за нас креативни, како и во редовите на ДУИ, креативни соговорници кои треба да нѐ натераат да работиме под притисок. Напротив, тоа повеќе ме мотивира кога овие кодошко-удбашки струкури напаѓаат чесни луѓе кои си ја сакаат и работат за својата татковина“, рече Мицкоски.

    На забелешката на новинарите дека веста ја објавија бугарските медиуми и на повтореното прашање дали разговарал со Христовски, Мицкоски кажа дека тврди оти согласно закон сите услови се исполнети.

    „Единствен кој треба да констатира дали тие услови се исполнети е Антикорупциската комисија. Ги повикувам да го истражи брзо. На брза трака да го стави овој случај. Апсолутно ви кажувам јас сум уверен, зарем ќе дозволиме такво нешто да се случи. Тој во 2020 е издаден, дали во меѓувреме постоела или не постоела таа агенција тоа е сосема друго прашање“, рече премиерот.

    Во биографијата на Бојан Христовски стои дека тој се стекнал со сертификат за владеење на англиски јазик според системот ТОЕФЛ откако го положил испитот со 75 поени на 26 март 2022 во јазичното училиште Language School Julia Cо.LTD во Пловдив. Но проверката на новинарите од ФАКТОР.БГ покажала дека во Пловдив не постои овластен центар за полагање и издавање на меѓународно признат сертификат за ТОЕФЛ, а според регистерот на училиштата во Бугарија нема ни училиште со називот Language School Julia Cо.LTD.

    Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 на 24 октомври, на прашање зошто се стекнал со сертификат за познавање на англиски јазик во Пловдив, Христовски рече дека е подготвен јавно да покаже документ кој е издаден во 2019 година, како регулатива од претходната власт, за административно тестирање на вработени во државната администрација, кој покажува каков вид тест од трите светски јазици кои се говорат ѝ се потребни во државата. Тој рече дека го положил тестот во 2022, затоа што токму во Пловдив, а не во Македонија, или некој друг град во Бугарија или друга соседна земја, имало најблизок термин за полагање.

    „„Во однос на моето образование, имам завршено факултет за физичка култура, факултет за економски науки и сум магистер во полето на безбедноста и криминалистика. Економскиот факултет го завршив во 2023 година, а ми е запишан години претходно и е диплома од факултет кој е акредитиран и еднаш годишно се акредитира и од сите претходни власти. Тоа е од Универзитетот за туризам и менаџмент или по ново мислам Универзитет ’Скопје’“, кажа Христовски во тоа интервју.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира