Првоосмничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13, по получасовната интервенција на лекарската екипа од Брзата помош која дојде во Обвинителството за организиран криминал, на носилки беше изесен и ставен во амбулантното возило. Брзата помош ја напушти згарадата, и се упати кон Клиничкиот центар.
Во придружба на Итната помош возеше комбето од затворот Шутка со кое Боки 13 денеска точно на пладне од притвор беше донесен кај Русковска.
Од Обвинителството сè уште не дадоа официјална информација што му случи на Боки 13.
„Многу грда сцена. Јас уште кога дојдов, Јовановски повраќаше во тоалетот. Се случи тоа што се случува последните 40-50 дена додека е тој во притвор. Не знам во која клиника го однесоа. Тој воопшто не почна да дава исказ. Едно е кривичната оостапка, сосема друго е право на живот. Толку имам да кажам“, рече неговиот адвокат Сашо Дуковски, откако замина возилото на итната помош.
Денеска е крајниот рок за давање исказ на Боки 13 за оваа истрага, по што ќе следува обвинение.
По разгледувањето на жалбата за продолжувањето на притворот, Апелациониот суд на 4 октомври одлучи дека сè уште постои опасност Боки 13 да побегне, како и да го повтори делото.
Во притвор во затворот во Шутка за „Рекет“ е и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, додека осомничениот Зоран Милески-Кичеец беше пуштен во домашен притвор.
С. К. ДЕЛЕВСКА