Градската општа болница „8-ми септември“ бара двојно поголем буџет за следната година, за да може да го расчисти долгот од пет милиони евра. Долгот, како што велат од болницата, е направен во повеќе години, и најмногу се должи на фирми од кои се набавувани потрошни материјали и лекови.
„Должиме и за вода и за струја, но со овие претпријатија е направен спогодбен договор долгот да се плаќа на рати. Исто така голем е долгот и кон депонијата Дрисла, за третирање на медицинскиот отпад. Но, скоро 80 отсто од долгот се однсува на потрошни материјали и лекови, и болницата има долгови кон стотина фирми“, вели д-р Кристијан Костов, директор на ГОБ „8 септември“.
Тој вели дека од Фондот за здравствено осигурување побарале буџетот за следната година да им биде двојно поголем, за да можат да ги расчистат долговите.
Буџетот на болницата за оваа година според податоците од веб страницата на ФЗОМ е 870 милиони денари или 14,1 милиони евра. Според барањето на болницата, за следната година буџетот треба да биде 1,7 милијарди денари или 28,2 милиони евра.
Д-р Костов вели дека од парите што ги добиваат од Фондот, кои се околу 840 милиони денари, за плати и придонеси за вработените трошат 360 милиони денари, и дека со останатите средства не може се покријат трошоците за тековното работење и да ги сервисираат долговите.
„Од една страна има долгови, а од друга страна тие се повеќе се зголемуваат, оти постојано расте бројот на пациенти. Затоа побаравме ФЗОМ да ни одобри двојно поголем буџет, но дали ќе ги добиеме потребните средства ќе зависи од преговорите со фондот“, вели д-р Костов.
Е.БОЧВАРОСКА