БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ЌЕ ВРАБОТУВА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ЗА ДА ГИ ОТВОРИ ЗАТВОРЕНИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА

    БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ЌЕ ВРАБОТУВА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ЗА ДА ГИ ОТВОРИ ЗАТВОРЕНИТЕ ОДДЕЛЕНИЈАНедостигот од сестри влијае и на бројот на операции што се изведуваат во ГОБ „8 септември“, па од секоја хируршка гранка операции се прават само еднаш неделно. (Фото: СДК.МК)

    Градската општа болница „8 септември“ до крајот на годината треба да вработи 60 медицински сестри. Менаџментот на болницата очекува следната година да добие одобрение од Министерството за финансии за вработување на уште 60 сестри, за да можат да го отворат одделите, кои на почетокот на годината беа затворени поради недостиг на средномедицински кадар. Огласот за врботување е распишан денес, а одобрението од Министерството за финансии важи до крајот на годината.

    „Се надевам дека конкурсот ќе биде успешен и дека ќе вработиме 60 нови медицински сестри, бидејќи неколку оддели во болницата поради недостиг од средномедицински кадар веќе подолго време се затворени. Сега одделенијата за гастро и пулмологија се споени, а кожно е споено со инфективно. Исто така и интерното одделение не функционира“, вели д-р Кристијан Костов, директор на ГОБ „8 септември“.

    Според Костов, за да може болницата оптимално да работи потребни им се уште вкупно 150 медицински сестри, но очекува дека со сегашните 60 и уште толку следната година, дека ќе можат повторно нормално да функционираат одделенијата за пулмологија, гастроентерохепатологија, кожно и инфективно.

    „Хируршките сали не се затворени, но и таму работата е редуцирана. Сега секоја хируршка гранка може да прави операции еднаш неделно, оти ни фалат инструментарки. Во ургентниот центар една од двете сали постојано работи“, вели д-р Костов.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира