Апелацискиот суд Скопје одлучи прислушуваните разговори да можат да се користат како докази во судската постапка за предметот „Титаник 2“ на СЈО, објави државната агенција МИА.
Станува збор за две снимки, од кои што едната беше објавена пред две години од тогашната опозиција и беше разговор меѓу ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи во кој што тие се договараат за гласање во однос на поднесени приговори за изборите во ДИК за време на локалните избори во 2013 година.
Во „Титаник 2“ обвинети се Мијалков, Тачи, поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска и Влатко Сајковски, актуелниот член на ДИК, Сашо Срцев, како и пет судии во Управниот суд. Мијалков е обвинет за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, додека останатите се товарат за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
Претходно, Основниот суд Скопје 1 реши да ги издвои „бомбите“ од доказниот материјал.