БОНЕВА ОБВИНЕТА ЗА НАПЛАТЕНИ ТРОШОЦИ ЗА 904 ЛАЖНИ ПАТУВАЊА ОД СТРУМИЦА ДО СКОПЈЕ И НАЗАД

    БОНЕВА ОБВИНЕТА ЗА НАПЛАТЕНИ ТРОШОЦИ ЗА 904 ЛАЖНИ ПАТУВАЊА ОД СТРУМИЦА ДО СКОПЈЕ И НАЗАДОд почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале. - Бонева на распит во СЈО (архивска фотографија)

    Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева за манипулации со патните трошоци за кои уште СЈО кажа дека ги наплаќала како да доаѓа божем од Струмица, иако живеела во Скопје.

    Таа е обвинета за продолжено кривично дело – Измама во службата од член 355 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 став 3 од Кривичниот законик.

    „Станува збор за предметот во јавноста познат како ‘Друмарина’ за кој истражната постапка ја водеше Специјалното јавно обвинителство.
    Обвинетата во периодот од 01.01.2011 до 16.12.2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи ист траен однос и прилики. Имено, таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6.458.551 денари”, стои во обвинението.

    Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања.​​

    Обвинението оди на оценка во Основниот кривичен суд и ако помине, ќе се закаже судење.

    За ова кривично дело е предвидена затворска казна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира